Skip to main content

Влезниците за концертот на Давид Гета да се заменат со алки – вратите на стадионот „Тодор Проевски“ ќе бидат отворени од 17 часот

Граѓаните кои купиле влезници за концертот на светски познатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Давид Гета што ќе се одржи утревечер во Скопје, да ги заменат навреме со алки и да дојдат навреме на стадионот „Тодор Проески“ веднаш штом бидат отворени вратите во 17 часот. На ваков начин, велат организаторите, ќе се овозможи сите кои имаат карти да можат да пристапат до местото на одржувањето на концертот, но и да влезат навреме, со оглед на тоа што стадионот има мал број влезови. Исто така, се апелира лицата кои ќе присуствуваат на концертот да ги почитуваат препораките на полицијата, но и редарската служба од агенциите за приватно обезбедување, како и да не се обидуваат да внесат забранети предмети на стадионот. 

– Ние од самиот почеток бевме и сме свесни дека ако нема замена на алки за влезници, нема да има концерт и тоа од многу едноставна причина: ако нема алки, ќе биде потребно чекирање на влезниците на врата, а од наше искуство во многу помали капацитети како што се „Борис Трајковски“, „Јане Сандански“, тоа одзема неверојатно многу време. Доколку тргневме да ги чекираме картите при влез на концерт, јас гарантирам дека или 70 проценти од публиката немаше да влезе внатре на стадион, или ќе бевме спремни да почнеме да чекираме од 5 часот утре, а концертот да биде задутре. Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот, рече на денешната прес-конференција сопственикот на Авалон Продукција и коорганизаторот на настанот Бобан Милошески.

Вели дека полнењето на стадионот за краток период не е можно, бидејќи, како што рече, влезовите и излезите на нашиот стадион се бројат на една рака.

-Токму поради тоа, прво што би замолил е што е можно поголем број луѓе од Скопје да го искористат денешниов ден и да ги заменат картите за алки. ​И тоа што е убедливо најважно и најбитно во целава оваа приказна е дека ако 50.000 луѓе почнат наместо од 17 часот кога ќе се отворат вратите, да влегуваат во 20 часот ние ќе имаме сериозни потешкотии во организирање на овој концерт. Ве молам, ако вратите се отвораат во 17 часот да доаѓаат луѓе навреме од 17 часот за потоа да не се плука по организаторот или по полицијата затоа што биле затворени улици итн, итна… Нема теоретска шанса 50.000 луѓе да влезат да се приближат на стадионот ако тоа не се прави барем четири-пет часа. Во два часа тоа е технички невозможно да се направи, појаснува тој. 

Началничката на униформираната полиција при МВР, Билјана Сарагинова истакна дека поради тоа што станува збор на настан од поголем обем Министерството и другите надлежни институции во соработка со организаторот ги превземаат сите соодветни мерки за безбедно одржување.

-Во интерес на безбедноста, апелираме до сите присутни што ќе бидат на самиот настан да ги почитуваат насоките дадени од полициските службеници, како и од редарската служба од агенциите за приватно обезбедување, исто така и насоките дадени од самиот организатор, рече Сарагинова.

Потенцира дека присутните не треба да носат предмети коишто се забранети за внесување на вакви настани.

-​Во однос на овие предмети коишто се забранети за внесување на ваквите настани, се значи: огнено оружје, разни експлозивни материи, ладно оружје, ножеви, боксирачи и палки и останати предмети, стаклени шишиња, алкохолни пијалаци, лименки, се со цел да се спречи каква било повреда, самоповредување или повреда на кое било друго лице. ​Исто така, апелираме да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети, за да немаме застој на самите влезови при влезот во самиот Градски стадион, рече началничката.

Љупчо Ѓурчевски, помошник началник на СВР Скопје истакна дека имаат изготвено посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на овој музички настан, поради зголемениот интерес на граѓаните.

-Предвиден е посебен режим на сообраќај на приодите кон Арена „Тодор Проески“, на дел од булеварот Илинден, сѐ со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот, рече на прес-конференцијата Ѓурчевски. 

Организаторот на настанот очекува, како и сите досегашни настани што се одржаа во рамките на одбележувањето на јубилејот „35 години независност на Македонија“ и овој да помине без проблеми и инциденти. Концертот на Давид Гета, велат, е финале на сите настани, и по големина со цела морална одговорност тврдат оти покрај шоуто на Металика одржано во мај оваа година, ова шоу е најголемо шоу на Балканот.

Концертот на Давид Гета ќе се одржи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје. Според најавите, Гета ќе настапи со продукцијата The Monolith Stadium Show.

Во рамки на прославата за 35 години независност на Македонија, на 1 септември во Скопје концерт одржа и светски познатиот тенор Хосе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и Македонската филхармонија, а на 4 септември се одржа мултимедијалниот сценски спектакл „Силно светнал ден“, кој го заокружи своето патување во државата со настап на повеќе од 120 артисти.

Карванот „Силно светнал ден“ почна од Охрид на 9 август и посети 12 града во земјата. Во неговата реализација учествуваат познати македонски музички изведувачи и актери.

Музичката програма во чест на 35 години независност на Македонија е подготвена од „Авалон продукција“ во соработка со Владата.

Поврзани вести