Skip to main content

Вистинските приказни никогаш не излегуваат од мода: „Глумците Пеат“ е шоу што не се дефинира, се доживува

Сè започна во 1992 година…Група глумци на чело со Марин Бабиќ, една идеја и публика која не знаеше што ја чека. Од тогаш до денес – „Глумците Пеат“ стана дел од театарската историја. „Глумците Пеат“ не се создадени од амбиција, туку од љубопитност, храброст и љубов кон сцената – да се проба нешто ново….со овие зборови синоќа му беше оддадена почит на идејниот творец, актерот Марин Бабиќ кој го почна ова музичко патување што секоја година ни носи нови песни, приказни, возбуди и познати лица во ново светло.

Така беше и синоќа. Впечатоците на публиката по втората вечер на шоуто „Глумците пеат“ беа воодушевувачки емоции, искрени насмевки, потпевнување, многумина се нишаа на ритамот во седиштата…

Секој настап – лична креација, полна изненадување. Сè се одвива во живо, тука пред вашите очи и создадено е специјално за ова шоу – од гласовите до оркестарот што ги следи.  Навистина нема правила и нема улоги, но чувството е неповторливо. Едноставно Глумците Пеат е шоу што не се дефинира, се доживува.

Синоќешната изведба уште еднаш потврди дека овој еден ден во годината кога музиката и театарот стануваат едно, не е само претстава, тоа е празник на уметноста.

30 врвни суперталентирани глумци и биг-бенд со извонредни музичари под диригентската палка на Љупчо Мирковски, режијата на Дејан Пројковски, кореографијата на Олга Панго, аранжманите на Бобан Мирковски не поведоа на патување што не потсети дека вистинските приказни никогаш не излегуваат од мода.

Поврзани вести