Вечерва со почеток во 21:30 часот во македонскиот паб „Ѕе“ ќе се одржи концерт на бендот „The Local Blue“.
Музиката на „The Local Blue“ се движи некаде помеѓу психоделичниот рок и слободната импровизација, а тој „помеѓу“ простор, освен што е прилично простран, често знае да е и мошне забавен, се посочува во најавата за настанот.
„Другари, 2024-та за ‘The Local Blue’ беше успешна година, триото стана квартет, стариот жар, кој претходните две-три години беше малку подзагасен, се врати во полн интензитет, а се врати и постојаната концертна активност, која ја заврши годината со еден фин концерт во преполниот и превесел Лабораторим на 14.12.2024. Подобро од сето ова ќе беше само ако годината завршеше и со планираниот нов албум. Но, не е страшно. Секако веќе една снимена сесија од последната четвртина на 2024-та година е зад бендот, а колку и таа да не е во целост совршена, си има и во неа по некој бисер, кој веројатно ќе се најде на албумот. Кој, пак, годинава дефинитивно ќе излезе. Па, ете, може дури и подобро што албумот не успеа да се заврши лани, бидејќи недовршената ланска работа ја принуди оваа четиричлена банда посветено да ја започне и оваа година. Втората сесија од снимањето на претстојниот албум би требало да се случи многу наскоро, а овој концерт ќе биде загревање за целиот тој процес со интензивни проби и завршното снимање“, се додава во најавата.