
Австралиската музичка легенда Ник Кејв прв пат ќе одржи концерт во Македонија. Неговиот настап е најавен како дел од неговата европска турнеја, на 22 август на стадионот АРМ во рамките на фестивалот „Скопје колинг“.
По тој повод денеска организаторите одржаа прес конферфенција на која Бобан Милошески, Љубиша Петрушевски, Ненад Георгиевски, Горан Путица и Дијана Петрова говореа за средбите со Кејв, нивните искуства, книгата која пред концертот ја објави „Артконект“…
Скопје ова лето ќе биде домаќин на настан што долго ќе се памети! Легендарниот музичар, поет, писател и композитор Nick Cave на 22 август пристигнува во македонската престолнина во рамките на својата Nick Cave Solo турнеја. Концертот ќе се одржи под ѕвезденото небо на Стадионот на АРМ, со почеток во 20 часот, а публиката ќе има ретка можност да го доживее Ник Кејв во неговата најинтимна и најсуштинска форма.
Овојпат, без неговите „Bad Seeds“, Кејв ќе настапи во придружба на Колин Гринвуд, басистот на култниот британски бенд Radiohead – еден од најиновативните и највлијателни бендови во историјата на рок музиката. Концертите на ова дуо, како што пишуваат светските магазини оставаат трајна емоционална трага кај сите кои имаат среќа да бидат таму.
Артконект ја најави книгата ВЕРА, НАДЕЖ И КРВОПРОЛЕВАЊЕ од Ник Кејв и Шон О’Хеган, која како што рекоа ја објавиле непосредно пред доаѓањето на Кејв во Македонија.

Организаторите велат дека иако ова е негов прв настап во Македонија, интересот е огромен и билетите се речиси распродадени.
Ник Кејв, роден во Австралија во 1957 година, веќе пет децении ја освојува светската сцена со својата уникатна комбинација на мрачна поетика, длабока емоција и интензивен сценски настап. Со своето богато творештво и неповторлив музички израз, тој е уметник кој ја преминува границата меѓу музиката и литературата.