
Денес премиерно беше објавен видео спотот за „Височини“, новата инструментална композиција реализирана во рамки на авторскиот и изведувачки опус на групата “Фонтана“ од Битола. „Височини“ е современ музички израз инспириран од богатата македонска музичка ризница, во кој традицијата не се третира како минато, туку како жива материја што постојано се надградува.
-Композицијата не е создадена по план или нарачка, туку спонтано како тивка идеја родена во движење, за време на раните утрински часови и патувања низ Македонија, кога пејзажите и тишината добиваат сопствен ритам, ќе каже композиторот Благојче Трајковски.
Композицијата веќе извесен период живее со публиката преку концертните настапи на Фонтана, каде што постојано беше прифаќана со исклучителна емоција и внимание. Токму таа реакција беше мотив таа да добие студиска верзија и да биде документирана со видео запис.
Покрај членовите на Фонтана, во „Височини“ учествуваат и истакнати музичари: Петар Христов – сопран саксофон, Зоран Јагоридовски – перкусии, Зоран Костадиновски – гитара Посебна звучна димензија дава и гудачкиот камерен оркестар составен од инструменталисти од Македонска филхармонија и Македонска опера и балет. Музиката и аранжманот се на Благојче Трајковски. Аудиото е снимено и продуцирано во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, со посветен пристап кон секој звучен детал и динамика.
Видео спотот е реализиран на платото пред Офицерски дом во Битола – простор со силна културна меморија и препознатлива атмосфера. Директор на фотографија е Кристијан Теодоров, а монтажата е на Огнен Шапковски.
Во видео материјалот како гостин инструменталист се појавува и Горан Трајковски, долгогодишен пријател и соработник на групата Фонтана. „Височини“ претставува музичка благодарност кон сите што веруваат дека македонската музика не треба да се чува како музејски експонат, туку да се живее, развива и пренесува низ нови изрази. Композицијата ќе се најде и на најновиот албум на групата Фонтана, кој се очекува наскоро.

Македонски



