Skip to main content

„Паркети“ со голем концерт во Битола слават 30 години од издавањето на својот прв албум „Грижа на совеста“

На 21 август, ракометното игралиште во Битола ќе стане најгласната и најживата рокенрол сцена во земјата. Паркети, култниот бенд кој остави длабок белег на македонската музичка сцена, го слави јубилејот – 30 години од издавањето на својот прв албум „Грижа на совеста“.

Формирани во првата половина на 90-тите години во Битола, Паркети започнаа како локален андерграунд состав, препознатлив по својата иронична лирика, блуз-рок енергија и несекојдневната хемија на сцената. Дебитантскиот албум „Грижа на совеста“, објавен во 1995 година, стана култно издание благодарение на песни кои брзо преминаа од мали клубови до колективната меморија на една генерација – „На месечина те заборавив“, „Строубери“, „Пијана ноќ“…

Со својата директност, отворен хумор и искрена чувствителност, Паркети успеаја да ги премостат границите меѓу андерграундот и мејнстримот. Од првите настапи во студентски домови и клубови, до настапи на големи сцени и фестивали, тие станаа симбол на битолската музичка сцена и инспирација за многу млади бендови низ Македонија.

Концертот, под мотото „Паркети & Friends“, ќе ги обедини генерациите – од оние што ја паметат првата касета и носеа маици со лого „Анархија“, до младите што допрва ќе откријат дека Паркети постоеле пред TikTok ерата и пред сите модерни трендови. Настанот ќе биде одржан на ракометното игралиште, на отворено, подготвено да пречека илјадници љубители на живиот звук од цела Македонија. 21 август 2025, 21:00 часот на ракометно игралиште, Битола

Поврзани вести