
Во Офицерскиот дом во Битола беше откриено пијано кое отсега ќе му припаѓа на градот, како донација од Халкбанк. Инструментот, дизајниран како уметничко дело, нема да остане затворен во салата, по потреба ќе биде поставуван и на платото пред Офицерскиот дом, како и на други јавни локации низ градот, со цел да стане дел од различни културни случувања и настани.
Дизајнот на пијаното, со апстрактни геометриски форми и колорит во сини, портокалови и жолти тонови, е дело на уметниците Петар Томски – Whazz Djazz и Владимир Дади Ивановски. Визуелниот концепт симболизира стабилност, раст, енергија и оптимизам, вредности што се препознаваат и во културниот идентитет на Битола. Свеченото откривање го изведоа претставници на Халкбанк заедно со градоначалникот на Битола и директорот на КИЦ. Вечерта на откривањето го доби својот вистински белег преку настапите на тројца исклучителни уметници.
Алексeј Белевски, иако има само дванаесет години, веќе зад себе има настапи на сцени во Македонија, Србија, Италија, Австрија и САД – меѓу кои и реномираниот Карнеги Хол во Њујорк. Добитник е на бројни први и специјални награди на престижни натпревари како „Даворин Јенко“ во Белград, „Охридски бисери“, „Виена Фест“ и „Golden Key“ во САД. Анастасија Гичевска, пак, е пијанистка со меѓународна кариера која студирала во Љубљана и дипломирала со највисоки почести во Грац, Австрија.
Зад себе има повеќе од 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижната YAMAHA награда за најдобар пијанист во Македонија. Таа е солист, камерен музичар и педагог со искуство низ Европа и САД.
Вечерта ја заокружи „Пијан Славеј“ – музичко-поетскиот формат на Бранислав Николов, фронтменот на легендарната група „Фолтин“, чиј препознатлив глас и поетика ја обележаа македонската алтернативна сцена, во пијано придружбата на проф. Вангел Мажевски, истакнат музичар и педагог кој повеќе од три децении ја гради пијанистичката култура во земјата.