
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ го претстави третото музичко дело од годинашната втора збирка. Се работи за народната патриотска песна „Се собрале комитите“, овојпат во емотивна и моќна изведба на Миле Кузмановски, со музичка продукција на маестро Николче Мицевски.
Станува збор за песна којашто „не само што се пее, туку и се чувствува“, велат продуцентите. Потекнува некаде од крајот на 19-от или почетокот на 20 век – време на немир и надеж, кога комитите со срце и пушка ја пишуваа историјата на македонската борба за слобода.
Преку стиховите на оваа песна се слуша ехото од планините, шепотот на клетвите дадени за татковината и чекорите на храбри луѓе кои се бореле за сонцето што денес гордо нè грее. ’Се собрале комитите’ е длабоко вкоренета во македонската традиција, особено во западните и централните краишта. Многубројните варијанти сведочат за нејзината вечна актуелност, а сега – со новото аранжманско руво и гласот на Миле Кузмановски, песната добива свежина – без да загуби трошка од својата душа. Уживајте во ’Се собрале комитите’, почитувајте ја историјата, и дозволете ѝ на музиката да ве однесе таму каде што се будела слободата – во срцето на Македонија, соопшти продукцијата.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува да ја реализира својата мисија – да ја слави македонската музичка традиција преку современи преработки на безвремени народни бисери.
По претходно објавените „Не кажувај либе добра ноќ“ во изведба на Огнен Здравковски и „Како пиреј“ на Ламбе Алабаковски, новата песна ни носи уште една горда нишка од нашето културно ткаење. Следниов период ќе биде објавена целата збирка од проектот –во духот на мотото: „Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци.“