Skip to main content

Новогодишната магија пристигнува во Битола: „Виена во Битола“ во изведба на Оркестар DIVA

Битолски Оркестар DIVA во понеделник (15.12.2025) ја носи новогодишната магија во Центар за култура Битола со традиционалниот концерт „Виена во Битола“, едно од најпрепознатливите музички случувања поврзани со градот.

Новогодишниот концерт има долга историја во Битола и претставуваше важен дел од културниот идентитет на градот. По паузата што траеше неколку години, со возобновувањето и развојот на Оркестарот DIVA (Битолски Камерен Оркестар) овој настан повторно се врати на сцената во неговиот полн сјај подготвен да ја пренесе виенската традиција во Битола. Денес, „Виена во Битола“е концерт што градот го очекува со нетрпение и е дел од неговиот современ културен препознатлив печат.

„Виена во Битола“ е уште едно значајно дело на Битолски Оркестар DIVA (Битолски Камерен Оркестар), кој низ годините создава проекти што ја возвишуваат битолската музичка сцена и ја претставуваат во најдобро светло. Оваа музичка празнична вечер доаѓа веднаш по големиот успех на Flowers Symphony, концертот што ја исполни Македонската Филхармонија до последно место и остави силен впечаток кај публиката низ целата земја.

Како и претходната година, така и оваа година има два концерти „Виена во Битола“, и двата се одамна распродадени, а публиката ќе има можност на сцената да ги гледа: Битолски Оркестар DIVA, НУ Камерен Оркестар на Битола, Марија Наумовска Бакрески, Јелена Јовановиќ (Србија), Тамара Ангеловска, Првенци и солисти при Македонската Опера и Балет, и Мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“.

Публиката ќе ужива во најпознатите виенски валцери и полки, како и во настапите на уметниците од Македонија и регионот. Настанот е изведен под диригентската палка на маестро Владимир Димовски, чија визија, посветеност и долгогодишно искуство повторно го вратија новогодишниот концерт на местото што му припаѓа меѓу најценетите културни традиции на Битола.

Во понеделник, Центарот за култура – Битола повторно ќе блесне во празничен дух, а Оркестарот DIVA ќе ја подари магијата што ја заслужува секој вистински љубител на музиката.

Поврзани вести