Skip to main content

„Музика и цртан филм“ -концерт за најмладата публика

Во организација на Пламенка Трајковска, виолинистка, композитор и членка на Државната филхармонија, како и основачка на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“ денеска во Дајмонд Мол во Скопје ќе се одржи концерт „Музика и цртан филм“, посветен на најмладата публика.

Цртаните филмови се медиум кој најнепосредно допира до детскиот свет. Во нив има прекрасна музика, често базирана на класични композиции. Нашата цел како камерни состави е да ја доближиме класичната музика до најмладите, а преку познати и сакани теми од цртаните филмови, таа станува блиска и препознатлива, изјавила Трајковска, се наведува меѓу другото во соопштението од организаторите на концертот.

Концертот е извонредна можност децата од најрана возраст, преку класична музика во живо, да го развиваат својот интелект, емоции и љубов кон уметноста.
На први јуни, недела, со почеток во 12 часот, игротеката „Дрим зона“ во Дајмонд Мол ќе биде домаќин на еден несекојдневен културен настан наменет за најмладата публика – концертот со наслов „Музика и цртан филм“. Организиран во соработка со Здружението Пламенка Трајковска – МКС од Скопје, настанот е поддржан и од трговскиот центар Дајмонд мол.
Овој концерт е уникатна можност децата да уживаат во живи изведби на класична музика и познати мелодии од омилените цртани филмови. На сцената ќе настапи гудачкото трио предводено од виолинистката Пламенка Трајковска, со Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Публиката ќе има можност да слушне композиции од најголемите имиња на класичната музика како Јохан Себастијан Бах, Жорж Бизе, Антонио Вивалди и тематски адаптации од цртани филмови како „Фрозен“, „Кралот лав“, и „Моана“ и други.
Покрај музичките изведби, концертот ќе биде збогатен со интерактивни, мултимедијални елементи и современа музичка технологија, овозможувајќи им на децата не само да слушаат, туку и активно да учествуваат и да го почувствуваат светот на музиката.
Зошто е важно децата да слушаат сериозна музика од најрана возраст
Слушањето сериозна музика, особено класична, има длабоки и потврдени придобивки за менталниот и емоционалниот развој на децата. Научните истражувања покажуваат дека класичната музика може да ја стимулира активноста на мозокот, да го поттикне развојот на јазичките способности, подобрување на меморијата, концентрацијата и дури и логичкото размислување. Особено кај децата во предучилишна и рана училишна возраст, музиката создава невронски врски кои се важни за понатамошното учење и развој.
Покрај интелектуалниот аспект, сериозната музика го развива естетското чувство, ја поттикнува емоционалната интелигенција и ја продлабочува способноста за слушање и разбирање. Контактот со уметноста од најмала возраст создава навики за културно однесување и ја збогатува детската душа со вредности што ќе ги следат цел живот. Кога децата ќе ги слушнат моќните звуци на виолината, виолата или виолончелото, тие не само што се забавуваат, туку и се образуваат, чувствуваат и размислуваат на еден подлабок начин.
Концертот „Музика и цртан филм“ е токму таква можност – едукативна, забавна и културно значајна. Настанот не само што ќе ги запознае децата со вредностите на класичната музика, туку ќе ја покаже и нејзината блискост и универзалност преку познати теми од нивните омилени филмови.
За родителите и децата, овој концерт е прекрасна можност за заедничко доживување што може да ги инспирира најмладите да продолжат да ја истражуваат магијата на музиката.

Поврзани вести