Skip to main content
Пријатели на СОС Детско село

Македонските музички ѕвезди се здружија во заедничка песна за секое дете да расте со – „Насмевка“

СОС Детско Село

Македонски музички ѕвезди го здружија својот свиречко – вокален потенцијал и во вид на своевиден „бенд еид“ создадоа прекрасна песна по повод 25-годишниот јубилеј на СОС Детско село.

Игор Џамбазов, Антониа Гиговска, Тамара Тодевска, Андријана Јаневска, Сара Мејс, Никола Перевски-Пере, Влатко Лозаноски, Стефан од Next Time, Дани Димитровска и Мијата ја снимија песната „Насмевка“, која ќе ве освои од прво слушање. Музички проект кој носи силна порака за љубов, создаден за поддршка и детска радост.

„По повод 25-годишниот јубилеј на СОС Детско село сакавме да направиме нешто што ќе остави трага. Додека ја создававме, беше наша песна, а сега е песна на сите деца поддржани од СОС Детско село и на сите луѓе на светот. „За секое дете да расте со НАСМЕВКА“ – пишува во описот на видеото.

Музиката и дел од аранжманот се дело на Игор Атанасоски – Харе, кој ги свири и гитарките делници. Во продукцијата се вклучени и Трајко Симоновски – Таци (бас гитара), Давор Јордановски (клавијатури и синтисајзер) и Мите Димовски (тапани, снимање и продукција), кој заедно со Атанасоски го потпишува аранжманот. Снимено и продуцирано е во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски во Скопје.


„По повод 15 мај – Меѓународниот ден на семејството, сакавме да направиме нешто ново и интересно , нешто што досега не било реализирано во Македонија.

СОС Детско село го организира првиот ‘media takeover’ ден во нашата земја – уникатен настан во кој со поддршка на медиумите ќе го кренеме гласот и подигнеме свеста кај пошироката јавност за важноста на семејството во животот на секое дете, особено за децата без родителска грижа кои зад себе носат трауми, но пред себе, сè уште имаат надеж за иднина. Да допреме до срцата и да поттикнеме заедничко дејствување – за секое дете да добие шанса за љубов и сигурна иднина.

Особена благодарност упатуваме до авторот Игор Атанасоски – Гуру Харе, кој заедно со 10 врвни македонски музички уметници:


Игор Џамбазов, Пере Нокаут, Сара Мејс, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Влатко Лозано, Тамара Тодевска, Мијата, Андријана Јаневска и Стефан од Некст Тајм – се приклучија на нашиот повик за љубов, поддршка и заедништво и ни подарија нешто волшебно убаво – емотивна, топла и искрена песна со наслов „Насмевка“, која ќе биде симболот на овој ден“ – пишува на официјалната интернет страница на СОС Детското село.

Авторот на песната познатиот гитарист и композиттор Игор Атанасовски – Харе зборува за мотивите и идејата да создаде ваква песна:

„Сите работи се случуваат кога ќе им дојде вистинското време. Ни порано, ни подоцна. Токму сега дојде време за НАСМЕВКА, нешто драгоцено, и се поретко во секојдневието.

Главен иницијатор беше Илчо Бадаров, раководител на младинските куќи при СОС Детско село, кој на една наша кафе средба ми раскажа за негов пензиониран колега, кој додека работел засадил дрво, и кога денес ќе ја посети таа куќа, гледајќи го големото дрво, го гледа неговиот работен век и сите спомени од годините поминати со децата. Воден од желба да остави нешто зад себе, ми ја предложи идејата, и јас без двоумење ја прифатив. И како што веќе споменав, коцките почнаа да се редат.

СОС Детско село наскоро слави 25 годишен јубилеј, и тимот со задоволство даде зелено светло. За мене е големо задоволство да направам нешто општествено корисно, но и голем предизвик на професионален план, да направам убава песна, која ќе живее и ќе измами насмевка. Достојно на нивниот голем јубилеј, сакав да биде посебна. Затоа одлучив да ги поканам нашите ПОП Ѕвезди да учествуваат во песната. Сите без двоумење прифатија, и низ едно прекрасно дружење се роди НАСМЕВКА.

Додека ја создававме, беше наша песна, а од денес 15 мај, ќе биде подарок за сите вас, подарок од СОС Детско село за што повеќе насмевки на овој свет“.

Песната „Насмевка“ е визуелизирана со едноставно видео снимено во музичкото студио „Тра ла ла“ и во различен градски ентериер и екстериер, а него како режисер го потпишува Александар Ристовски – Принц.

Поврзани вести