
На 11 ноември во Националната опера и балет во 20 часот ќе се одржи концерт во чест на маестро Кире Костов под наслов „Летај галебе“ во организација на Баги комуникации.
Некои автори пишуваат хитови. Единствениот Кире Костов, напиша историја. Неговата музика е вткаена во нашите животи – во радоста и тагата, во љубовта и смеата, во солзите и разделбите. Повеќе од 700 песни, но уште повеќе неброени моменти што живеат преку неговите ноти. Ова ќе биде вечер кога ќе оживеат неговите композиции и ќе се потсетиме колку е силно влијанието на неговата музика врз сите нас, затоа што – Музиката е живот а животот е музика!, вели организаторот.
Како што е најавено, на сцената ќе застанат голем број македонски музичари и негови блиски соработници – генерации обединети од и во неговата музика.
Костов, композитор и диригент почина на 73 годишна возраст во јули 2023 година. Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот, како: ,,Акварел“, „Бела ноќ“, Македонска суита 1 и 2 „Нени“, „Травелинг“, „Догледање“, „Алегорија“, „Лепе ти је Беле Вирје“, „Си заљубив едно моме“.
Од областа на популарната музика има околу 300 наслови како што се „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, “Не биди слеп“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Тонови тајни“, „Ти пеам песна“, „Рум,дум,дум“, „Љубовна религија“, „Што те нема“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори.