
Девет концерти во четири вечери, придружени со промоции на албуми. Ваква ќе биде поставеноста на шестото издание на Котон блуз фестивал во Скопје, што ќе се одржува од 21 до 27 ноември, на нова локацијата, овојпат во барот „Русти“ во Скопје.
На 21 и 22 ноември ќе настапат квартетот на ИгиМен со Ади Имери како специјален гостин, домашниот блуз бенд „Мол пек“, кој истовремено ќе промовира албум и проектот „Рене пее блуз“, а свое враќање на Котон блуз фестивал ќе има Тони Холидеј од САД, .
Фестивалот ќе продолжи на 26 и 27 ноември, кога ќе има и побогата програма. За овие денови се планирани концертни промоции на албумите на Александар Пешевски и на „Кросроуд блуз бенд“, како и веќе традиционалната гитарска работилница со Јанис Павеза. Свое место ќе имаат и Елвис и „Ин д муд“, кои ќе се здружат во проект посветен на Џони Кеш.
Главните ѕвезди на годинашниот фестивал се оставени за последната вечер, а како такви се најавени легендарниот британски блуз музичар Норман Бикер и американскиот гитарист Хамилтон Лумис.
Цените на картите дополнително ќе бидат објавени, а со купување на 4 или повеќе билети – добивате резервација за маса (ниска или висока) која, по купувањето на билетите, ќе треба да ја потврдите во „Русти“ на телефонскиот број 075-478-134.

Македонски








