Skip to main content

Ин мемориам: Почина Наум Бурназ, доајенот на македонската песна

Македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи интерпретатори на народната песна. Почина Наум Бурназ, доајен на македонската изворна музика, чиј глас со децении беше препознатлив симбол на традицијата и музичкото наследство.

Тој долги години беше дел од ансамблот на македонската опера од каде што замина во пензија, а останува запаметен по својата изведба на охридските староградски песни, како и по неговите песни, помеѓу кои најпознати се ,,Бор садила мома Евгенија”, „1762 лето“ (Песна за патрикот) по текст на Григор Прличев, и други.

Во текот на својата богата кариера, Бурназ остави длабока трага на македонската естрада, изведувајќи голем број народни песни кои и денес се дел од музичката ризница на Македонија. Со својот препознатлив вокал, исклучителна интерпретација и посветеност кон народната песна, тој успеа да ги освои срцата на повеќе генерации љубители на македонскиот фолклор.

Со заминувањето на Наум Бурназ, Македонија загуби истакнат музички уметник, но неговото дело ќе продолжи да живее преку песните што ги остави зад себе и кои ќе останат дел од културното наследство за идните генерации.

Последна почит ќе му биде оддадена во капелата на Градските гробишта во Охрид, денес – 23 јули од 13.00 часот, објави на социјалните мрежи семејството Бурназ.

Поврзани вести