Skip to main content

Дуото „Гелебешеви“ вечерва го отвора „Класика – интернационален фестивал Струмица“

И оваа година, во еден од најубавите месеци, Струмица повторно ќе ужива во звуците на класичната музика, изведена од врвни уметници што гостуваат на фестивалот.

Фестивалот на класична музика „Класика – интернационален фестивал Струмица“ ќе се отвори денеска во НУЦК „Антон Панов“ со поздравна реч на Васил Атанасов и Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица, а во разноликата програма публиката ќе може да ужива до 20 јуни.
Концертниот дел ќе го отвори пијано-дуото „Гелебашеви“, во фоајето, во 20 часот. Дуото е составено од Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Во сферата на камерното музицирање, пијано-дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето дејствување во 2001 година се наметнува како ансамбл со исклучително високопрофилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во Македонија и на многубројни интернационални подиуми низ светот. Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разнолики уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина. Пијано-дуото „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да ѝ го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција на колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и Сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахманинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век.
Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија. Дуото „Гелебешеви“ претставува реномиран камерен ансамбл во Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“… Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музиката во Париз, пијано-дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следуваат се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција. За својата плодна концертна дејност пијано-дуото „Гелебешеви“ е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и реализација на две цеде-изданија.
И за ова издание, организаторите се потрудија да поканат извонредни уметници и камерни состави од различни земји и жанрови, со цел да ја збогатат културната понуда и да ја привлечат струмичката публика.

Поврзани вести