
Од денеска до 13 септември во Тетово по осми пат ќе се одржува Џез-фест со концерти во Центарот за култура и Јуроп хаус (Europe House), секоја вечер со почеток во 20.00 часот.
Фестивалот ќе биде отворен вечер во Јуроп хаус со настап на составот Антисвинг (Antiswing) на тетовските музичари Вулнет Незири на обоа, Шкељзен Бафтиари на пијано, Фатон Стафаи на гитара, Александра Чуруковска на контрабас и Кораб Хајдари на перкусии.
Во петок, 12 септември, во голема концертна сала на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово ќе настапат Елина Дуни (вокал) и Роб Луфт на гитара. Исто така и третата вечер – 13 септември ќе се одржи во Центар за култура со настап на Артан Бакија и Маркелиан Капидани (пијано), придружени од гудачки квартет.
-И оваа година фестивалот носи богата програма со реномирани уметници од домашната и меѓународната сцена, нудејќи три вечери исполнети со квалитетна музика и уникатна атмосфера за тетовската публика и посетителите од регионот. Овој фестивал е празник на единството, креативноста и љубовта кон музиката. Да бидеме заедно, да слушаме, да чувствуваме – затоа што музиката гради мостови што не поврзуваат сите. Џез фестивалот во Тетово се етаблира како важна културна платформа за промоција на џез музиката и за поттикнување културна соработка меѓу уметници од различни земји. Настанот има цел да ја доближи живата и импровизирана џез музика до пошироката публика, соопштија организаторите.
Ова издание на фестивалот е финансиски поддржано од Министерството за туризам и култура.