
Претставени програмата, официјалниот визуелен идентитет и темата „Точка на поврзување“ на 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“

Со претставување на програмата, новиот визуелен идентитет и годинашните фестивалски новитети, денес официјално беше најавено 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кое од 14 до 31 јули ќе се одржи во Битола. Со осумнаесет фестивалски денови исполнети со богата уметничка, научна и едукативна програма, ова ќе биде најдолгото издание во историјата на фестивалот.
Фестивалот годинава започнува на 14 јули со настап на Ningbo Symphony Orchestra од Народна Република Кина, еден од најрепрезентативните современи симфониски оркестри во земјата. Основан во 2015 година, оркестарот за кратко време стана значаен амбасадор на кинеската музичка култура, со настапи на престижни европски сцени и меѓународни културни настани, меѓу кои и концерт во седиштето на Обединетите нации во Женева. Покрај свечениот концерт, музичарите ќе одржат и работилница, со што фестивалот уште од првиот ден испраќа силна порака за меѓународна соработка и културен дијалог.
На денешната прес-конференција се обратија директорот на НУ Центар за култура – Битола и претседател на Советот на фестивалот м-р Сашо Илковски, долгогодишниот програмски координатор Валентин Соклевски и стручниот соработник Љупка Стефановска.
„Особена чест е што токму најдолгото издание на фестивалот го отвора еден од најзначајните кинески симфониски оркестри. Тоа е уште една потврда дека „Илинденски денови“ одамна се меѓународна културна платформа што ги поврзува луѓето, традициите и уметноста од целиот свет. Годинава подготвивме исклучително богата програма која во текот на осумнаесет дена ќе ја претвори Битола во вистински центар на светскиот фолклор и култура“, истакна директорот Сашо Илковски.
За концептот и континуитетот на фестивалот зборуваше Валентин Соклевски, кој со децении е дел од неговиот развој. Тој потенцираше дека „Илинденски денови“ повеќе од половина век претставуваат еден од најзначајните чувари и промотори на нематеријалното културно наследство, но и место каде што традицијата постојано добива нови значења преку средбите на различните народи и култури.
Љупка Стефановска ги претстави програмските содржини што ќе се реализираат од 14 до 31 јули. Покрај вечерите на традиционална музика и игра, фестивалот годинава носи бројни изложби, концерти, етнографски филмови, научни презентации, семинари, работилници, детски програми, фестивалски караван и улични перформанси, со што Битола ќе понуди една од најбогатите фестивалски програми во својата историја.
Пред медиумите беше претставен и официјалниот визуелен идентитет на 56. издание. Во неговиот фокус се македонската народна носија, интернационалната носија и глуварчето како централен симбол на фестивалот. Неговите семиња, кои патуваат со ветерот, ја симболизираат идејата за движење, размена и поврзување, исто како што „Илинденски денови“ веќе 56 години ги поврзуваат културите, традициите и луѓето од сите страни на светот.
Токму затоа годинашната фестивалска тема е „Точка на поврзување“, порака што ја претставува Битола како место каде што различностите не се делат, туку се среќаваат, се запознаваат и создаваат нови пријателства.
Од 14 до 31 јули, Битола повторно ќе биде домаќин на светот и ќе испише уште едно поглавје од фестивалската приказна што трае повеќе од половина век.

Македонски



