
Од денеска до 5 јуни во организација на ЈУ. Детски културен центар – Карпош ќе се одржи второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади, на сцената во киното Фросина при МКЦ во Скопје.
Овој живописен настан, поддржан од Град Скопје, ќе претстави живи изведби на омилените приказни, нудејќи возбудлива можност за публиката од сите возрасти да ја доживеат магијата на мјузиклот.
Фестивалот денеска започнува со „Аладин и волшебната ламба“, изведен на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзуикли Бродвеј Јуниор од Скопје под раководство на Наташа Јанкова, која е прва во државата која го промовира мјузиклот како сплет од уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.
На 5 јуни најавена е спектакуларна изведба на „Убавицата и ѕверот“ од талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.
Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените дизниеви филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан, изјавила директорката на ДКЦ Карпош д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, се наведува во соопштението од Детскиот културен центар – Карпоши се додава дека Град Скопје го поддржа и оваа година фестивалот, истакнувајќи ја културната и едукативната вредност на музичкиот театар за младата публика.