Skip to main content

Кимовски: Летната сцена „Славиша Кајевски“ нека блесне повторно како симбол на слободата, креативноста и посветеноста на МНТ

На 12 јуни беше отворена летната сцена „Славиша Кајевски“ под слоганот „Млади за млади“. На почетокот на настапите кои следеа присутните, уметници, музичари, актери и љубители на театарот, музиката и, воопшто, на уметноста ги поздрави директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Добредојдовте на второто издание на Летната сцена „Славиша Кајевски“ — која не е само продолжение на уметничкиот пулс на МНТ туку и доказ дека театарот живее и надвор од ѕидовите на нашата институција.

Вечерва сме повторно тука, заедно, на истото магично место каде што минатата година се роди и се реализираше идејата — да ја вратиме живоста, културниот пулс и човечката блискост под отворено небо. Второто издание на Летната сцена „Славиша Кајевски“ е повеќе од културен настан. Тоа е продолжување на една визија, храброст и неизмерна посветеност.

Оваа сцена го носи името на нашиот колега и пријател како вечен патоказ. Неговата љубов кон театарот, кон заедништвото и кон вистинската смисла на уметноста, денес живее токму овде, во секој звук, во секој глас, во секое светло што ќе го осветли ова плато.

Оваа година фестивалот се одржува под слоганот „Млади за млади“ и е хуманитарна програма во соработка со Македонски Телеком и радиото Стереолаб. Шест вечери ќе уживаме со млади музички бендови и артисти, кои својата креативност ќе ја насочат во поддршка. Средствата од продажбата на билетите се наменети за Support Кочани, за рехабилитација и помош на повредените во трагедијата што нè потресе сите.

Културата се води со љубов, упорност и визија, а резултатите не доцнат. Затоа денес стоиме тука, исполнети со гордост што сме дел од еден хуманитарен настан, а тоа ни покажува дека не се плашиме да излеземе надвор од комфорната зона и да создадеме нешто автентично и живо.

Во името на сите нас како колектив, ви благодариме што верувате во оваа идеја и што дадовте простор да растеме заедно.

Ова лето нека биде уште поинспиративно, а летната сцена да блесне повторно — како симбол на слободата, креативноста и посветеноста на Македонскиот народен театар, рече Кимовски.