Skip to main content

Зимски „Македокс“: Проекција на филмот „Тата“ во МКЦ

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во рамките на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“, организира проекција на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, проследена со дискусија со режисерите и со експерти на темата.

Проекцијата на документарниот филм „Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 мин.) ќе се одржи на 11 февруари (среда), во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, а влезот на проекцијата е слободен.

По години отуѓеност, Лина – молдавска новинарка – добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија. На видеото се гледаат модринки на неговите раце. Со скриена камера, таа тргнува по правда – но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство, токсична машкост и тишина. Снимен во Италија, Молдавија и Романија, филмот ја следи ќерката која се обидува да го прекине циклусот – за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил.

Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеа Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.

Поврзани вести