Skip to main content

Македонската малцинска копродукција- филмот „Мраз“ премиерно на водечкиот светски фестивал за фантастика и хорор во Каталонија

Главната улога ја глуми истакнатата македонска актерка Камка Тоциновски, а во останатите улоги се јавуваат младата надеж од Црна Гора Лара Драговиќ, легендарната Весна Тривалиќ, како и Јово Максиќ, Мирко Влаховиќ, Златан Видовиќ, Јован Белобрковиќ и Антонио Скарпа…

Македонската малцинска копродукција, долгометражниот игран филм „Мраз“ на српскиот сценарист и режисер Павле Вучковиќ, ќе ја доживее својата Светска премиера кон средината на октомври, во рамките на главната натпреварувачка програма на престижниот Интернационален фестивал за филмска фантастика на Каталонија, кој ќе се одржи од 8 до 18 октомври оваа година во Ситџес, Шпанија. Македонски копродуцент е Томи Салковски, а носител на проектот е продуциската куќа „Црна мачка продукција“.

Низ својата богата историја, фестивалот Ситџес бил домаќин на филмски великани како што се Дејвид Линч, Квентин Тарантино, Ентони Хопкинс, Џорџ А. Ромеро, Ед Харис, Тилда Свинтон, Вим Вендерс, Дејвид Кроненберг и многу други, кои година по година претставуваат вистинска атракција и за публиката и за медиумите.

Во филмот „Мраз“ главната улога мајсторски ја игра нашата истакната актерка Камка Тоциновски, а останатите улоги ги играат младата надеж од Црна Гора Лара Драговиќ, легендарната Весна Тривалиќ, како и Јово Максиќ, Мирко Влаховиќ, Златан Видовиќ, Јован Белобрковиќ и Антонио Скарпа.

„Мраз“ е инспириран од мит од источна Србија. Мирјана, цинична и емоционално дистанцирана полициска детективка, доаѓа во мал град за да го истражи исчезнувањето на Адел, млада девојка која таму пишувала блог за локални приказни за магија. Без опипливи докази, нејзината истрага ја води низ затворена заедница чии жители кријат нешто. Трагите на исчезнатата девојка се повеќе се испреплетуваат со локалните суеверија и приказни за чудно суштество кое се чини дека имало контакт со Адел. Додека се обидува да открие што се случило, Мирјана е сè подлабоко и подлабоко вовлечена во мистериозен свет што го доведува во прашање нејзиниот рационален поглед на реалноста. Следејќи ја трагата на Адел, таа ќе се соочи не само со она што е скриено на местото, туку и со стравовите што ги потиснувала целиот свој живот.

Покрај режисерот и сценарист Павле Вучковиќ, авторската екипа на филмот ја сочинуваат кинематограферот Ѓорѓе Арамбашиќ, сценографката Ливија Микиќ, костимографката Магдалена Клашња, дизајнерката на филмска шминка Јасмина Мина Лилиќ, монтажерката Милена Предиќ, инженер на звук Игор Поповски, композиторското дуо Филиус Блу од САД, додека дизајнер на звук е Иван Желиќ.

„Мраз“ се снимаше на локации во Белград, селото Браќевац во источна Србија, на Космај и во селото Бабе во текот на септември и октомври 2024 година.

Новиот филм на Павле Вучковиќ е копродукција на План 9 (Србија) како главен продуцент, со ORWO/Black Hangar Studios (Велика Британија), Film District (Србија), Telekom Srbija, Parangal film (Црна Гора), Црна Мачка Продукција (Македонија), Telefilm (Хрватска), како и CinneRent, Art&Popcorn (Србија), Vega Film и Vesna Film (Русија).

Главен продуцент е Стефан Младеновиќ, додека други продуценти се Татјана Жежељ Гојковиќ и Џејк Сил. Копродуценти се Маја Кецојевиќ, Томи Салковски, Станко Бабиќ, Ивица Видановиќ, Невена Савиќ, Мирослав Могоровиќ, Павле Вучковиќ, Катарина Михајлова и Олга Леснова, а соработници продуценти се Златан Видовиќ, Бојан Вујиновиќ и Зоран Пилиповиќ. Извршни продуценти се Стефан Младеновиќ и Рамона Плазиниќ.

Филмот е поддржан од меѓународните фондови за развој МЕДИА и Фондот за развој на Еуримаж, Филмскиот центар на Србија (развој и продукција на филмови), Министерството за култура на Република Србија преку програмата за стимулација на филмски проекти, како и Филмскиот центар на Црна Гора, Агенцијата за филм на Македонија и Хрватскиот аудиовизуелен центар.

Павле Вучковиќ е режисер и сценарист од Белград. Добитник е на две награди на Канскиот филмски фестивал за кратките филмови „Трчај зајко, трчај“ (2003) и „Минус“ (2007).

Филмот „Трчај зајко, трчај“ е прикажан на бројни фестивали низ светот и е дел од колекцијата на Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк. Исто така, беше прикажан во Центарот Жорж Помпиду во Париз и Тејт Модерн во Лондон.Неговиот дебитантски игран филм „Панама“, премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2015 година како дел од официјалната селекција, а потоа беше прикажан во Германија, Обединетото Кралство, Јужна Кореја, Јапонија, Украина и други.