
Во кафе-барот „Синдикална култура“ во Скопје на 20 февруари, со почеток во 20 часот, ќе се одржи четвртото издание на проекции на филмови од школата „Докуникулци“ на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
На програмата се кратките документарни филмови „Уметност над уметностите“, „После Марко“ и „Кино Мортус“. Влезницата на проекцијата е на база на донација и изнесува индивидуално под мотото „кој колку може“, а истите средства се насочуваат во организацијата „Ретвитни оброк“.
Приказната во филмот „После Марко“ ги претставува сите закани за критично загрозениот балкански рис, луѓето што се залагаат за неговиот опстанок и предизвиците со кои се соочуваат. Може ли некој да стави цена на национално непроценливо богатство на природата во екосистемот?
Одговорот на прашањето направија обид да го дадат Мила Макаровска, која е режисерка и сценарист на филмот, и снимателот Оливер Милески, монтажерот Леон Шумански, а музиката е на Ади Имери.
Филмот „Кино Мортус“ е патување во минатото низ кино-салите во Скопје. Сеќавањата на двајца познавачи на филмот, Илинденка Петрушева и Влатко Галевски, ја откриваат приказната за славните кино-денови. Станува збор за коктел од анегдоти послужен со носталгија која ја отсликува иронијата на состојбата во која денес се наоѓаат некои од поранешните сали за кино.
Режисерка и сценарист на филмот е Ивана Цветаноска, сниматели се Антонио Мирикоски и Матеа Козовски, монтажата е на Оливер Милески, звукот го снимаше Леон Шумански, а продукцијата е на „МакеДокс“.