Skip to main content

Претставници од Агенцијата за филм заедно со в.д. директорот Сашко Мицевски присуствуваа на снимањето на „Збогум Копакабано“ Манчевски

Синоќа претставници од Агенцијата за филм, заедно со в.д. директорот г. Сашко Мицевски, присуствуваа на снимањето на новиот филм „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на Банана филм. Снимањето се одвиваше во уникатниот амбиент на Даут-пашиниот амам, во Старата скопска чаршија, како дел од 15-тиот ден од продукцијата што се реализира на различни локации во и околу Скопје.

Филмот, кој ќе продолжи да се снима и во следните недели, обработува теми од длабок емотивен и општествен карактер – од сестринска љубов, преку самотија и ментално здравје, до корупција и социјални нееднаквости. Иако сместен во современа Македонија, филмот носи и универзална порака за човечките односи и борбата за достоинствен живот.

На сетот беа присутни и претставници на медиумите, кои имаа можност да присуствуваат на дел од снимањето и да се запознаат со текот на продукцискиот процес.

Филмот се реализира со поддршка од Агенцијата за филм, како и со учество на национални филмски фондови и приватни партнери од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Велика Британија. Продуцент е Јане Ќортошев.

Во актерската екипа се вклучени: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Калина Наумовска, Ана Костовска, Виктор Арсов и други.

Сара Климоска го толкува комплексниот лик на Малина, која со својата емотивна длабочина и слоевитост ја носи главната приказна. Нејзината улога ги отсликува сите предизвици и размислувања што ги носи животот. Филип Трајковиќ ја игра улогата на Виктор, братот на Малина, човек со интелектуална попреченост, чие присуство во филмот дополнително го продлабочува емотивниот и општествен контекст на приказната.

Филмската екипа е составена од професионалци со богато домашно и меѓународно искуство, меѓу кои се Дејвид Манс (дизајн на продукција) и Стефано Фаливене (директор на фотографија), како и истакнатите македонски авторки Жаклина Крстевска (костимографија), Бистра Кечиџиева (шминка) и Милка Анчевска (кастинг).

Посакуваме успешна и непречена реализација на преостанатите активности и продуктивен завршеток на проектот.

Фото: Јасна Чилиманова Накова

Поврзани вести