Skip to main content

Околу 24 милиони денари од филмски продукции и други правни субјекти што добиле средства за проекти, а не ги реализирале во рок од пет години вратени во Агенцијата за филм

Агенцијата за филм вратила 390.000 евра или околу 24 милиони денари од филмски продукции и други правни субјекти што добиле средства за проекти, а не ги реализирале во рок од пет години, информираше на брифинг директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Тој посочи дека ваквата состојба е резултат на 10 -годишното недомаќинско работење кое не било санкционирано, а средствата ги собирале преку доброволно враќање, извршители, одбивање за учество во првиот рок на конкурсот за поддршка на проекти за оваа година, а поединци меѓу правните лица поднеле барање за враќање на парите на рати.

Ние сме во незавидна ситуација да мора продуцентите да ги враќаат парите. Тие пари не беа вратени околу 10-тина години наназад. Со тоа што ние им дадовме шанса на луѓево доброволно да ги вратат парите во одреден рок. Дел од нив си ги вратија, дел од нив, за жал, мораа да бидат присилно наплатени, изјави Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.

Мицевски не ги соопшти имињата на продуцентите, режисерите и за кои филмови се вратени парите, но најави дека ќе бидат објавени на новата веб страница на Агенцијата за филм што ќе се изработи. Дециден е дека за оние кои нема да ги вратат парите, ќе биде поведена присилна стечајна постапка и дека за тоа ќе ги искористат сите правни механизми.

Директорот на Агенцијата информираше и за 18 кинопроектори што се набавени за Домовите на култура во внатрешноста, со одлука на Владата пред 15-тина години, не биле доволно користени. Тоа го утврдиле преку проверка на ламбите.

За еден Дом на култура имаше 17 саати користење на ламбата за 10 години. А, животниот век на ламбата е 20 до 30.000 часови. Тоа многу кажува дали се користела опремата или не, рече Мицевски.

Во моментов кинопроекторите се кај Агенцијата за филм и по нивното сервисирање ќе се вратат на домовите на култура и ќе се работи на тоа еднаш неделно таму да се прикажуваат домашни филмови.

Мицевски информираше дека иако за распишување на првиот конкурс за поддршка на серии предвиделе околу 440.000 евра, актуелната легислатива го ограничува процесот, а предложените законски измени и дополнувања од нив, доставени до Министерството за култура и туризам, поради реконструкцијата на владата, и покрај очекувањата не се донесени.

Поврзани вести