
Во киното „Синема сити мол Софија“ едно од најреномираните кина во Бугарија, синоќа беше одржана свечена гала премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм – „Јон Вардар против Галаксијата“.
Овој проект, кој зад себе има девет години посветена работа и голема доза иновативност, е дело на Гоце Цветановски, кој е и режисер и сценарист на филмот. Тој лично присуствуваше на премиерата и беше поздравен со долг аплауз од страна на публиката, соопшти КИЦ Софија.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Публиката во Софија ја исполни салата до последно место и со голема заинтересираност го проследи филмот. Гледачите ја пофалија уникатната стилистика, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст и се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.