
Краткометражниот игран филм „Лојнс“ во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на „Веда филм“ од Скопје, е селектиран за учество во програмата „Берлин критикс вик“, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари во Берлин.
Независнo курираната платформа „Берлин критикс вик“, која се прикажува паралелно со Берлинале, презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог, како и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот за филмот и режисерот истакнува: „Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ‘Лојнс’, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Сан дог’ и со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.“
Филмот „Лојнс“ е кафкијанска судска драма сместена во Ливерпул во 19-иот век, која го следи судењето на едно тело без име и без минато. Стотина луѓе се собираат во оваа апсурдна церемонија – и можеби ќе биде спроведена правдата. Филмот е снимен во Англија, Македонија, Белгија и Кина, а снимањето во Ливерпул и во Скопје го водеше македонската продуцентка Елена Станишева.
По својата светска премиера на Канскиот филмски фестивал во 2025 година, во програмата „Directors’ Fortnight“, и успешното прикажување на повеќе од 40 меѓународни филмски фестивали, „Лојнс“, како копродукција помеѓу Белгија, Франција, Македонија и Велика Британија, беше номиниран за Европската филмска награда за краток филм – Prix Vimeo, што ја доделува Европската филмска академија.
Селекциите на Кан 2025, Берлин и Клермон-Феран 2026 претставуваат исклучително значајно меѓународно признание за филмот и за целиот авторски и продукциски тим. „Лојнс“ е македонска малцинска копродукција, поддржана од Агенцијата за филм на Македонија и Гете-институтот во Скопје, како и од националните и регионалните фондови на Белгија и Франција.

Македонски



