Skip to main content

Иран ја оцени како „навредлива“ изјавата на Баро по Филмскиот фестивал во Кан

Фото: Принтскрин

Иранските власти денеска го повикаа вршител на должноста амбасадор на Франција во Техеран во знак на протест поради „навредливите“ изјави од Париз откако иранскиот режисер и дисидент Џафар Панахи синоќа ја освои Златната палма на 78-от Меѓународен филмски фестивал во Кан, објавија иранските медиуми.

– По навредливите коментари и неоснованите обвинувања што ги упати францускиот министер за надворешни работи против Иран, вршителот на должноста амбасадор во Техеран беше повикан во министерството, пренесува агенцијата ИРНА.

Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро го критикуваше синоќа „угнетувањето од иранскиот режим“, откако Панахи ја освои наградата.

Иранскиот режисер и дисидент ја освои Златната палма за својот филм „Тоа беше само несреќа“, кој е снимен во тајност во Иран.

Панахи (64) прв пат по 15 години можеше да присуствува на Канскиот филмски фестивал и да ја прими наградата, која му ја врачи претседателката на жирито, француската актерка Жилиет Бинош.

По примањето на наградата, режисерот рече дека најважната работа е слободата на неговата земја.

Панахи, кој двапати беше затворен во Иран, земја која не можеше да ја напушти до неодамна, вети дека ќе се врати дома по Канскиот филмски фестивал и покрај ризикот од реакција на властите.

Поврзани вести