Skip to main content

Ин мемориам: Почина Илинденка Петрушева-филмски критичар и есеист, чиј неуморен и нескротлив дух, фанатизам и љубов ни го дадоа филмот на дланка

Почина Илинденка Петрушева- филмски критичар, есеист. На социјалните мрежи од неа се прости Маргарита Арсова од МКЦ, каде Петрушева беше долги години уредник на филмската редакција.

За мама Илинденка Петрушева, првата уредничка на филмската редакција во Домот на младите 25 Мај, сегашен Младински Културен Центар.

За сонувачката, чиј неуморен и нескротлив дух, фанатизам и љубов ни го дадоа филмот на дланка, за да описмени, издигне и покаже.

За раскажувачката.

Зборови нема, за да се искаже нејзиното влијание и важност за развојот на филмската свест во Македонија и филмското наследство.

Патувај по ѕвездите и развивај, во вечното “време на игрите и соништата”, напиша Арсова.

Родена 1944 година во Горна Џумаја, Р. Бугарија. Школување во Скопје и Загреб. Од 1972 година уредник на филмската редакција во Домот на младите во Скопје (денес Младински културен центар).
Таа е еден од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974 година. Таму работи се до периодот од февруари 1999 до август 2001 година, кога е назначена за советник на Министерот за култура за кинематографска и драмска дејност. По тој период повторно се враќа во Кинотеката на Македонија, каде работи како советник-филмолог.
Од повеќето општествени ангажмани ќе ги спомнеме: Претседател на Кино-сојузот на Македонија (во неколку наврати), Генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на СФРЈугославија (1977-1979), во повеќе мандати член на Советодавниот комитет за култура и уметност на Институтот Отворено општество Македонија итн. Еден е од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на македонската секција на филмски критичари и член на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмските критичари FIPRESCI).
Во Кинотеката работи на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија. Учесник е на повеќе научни симпозиуми од областа на филмот. Долги години е уредник на Кинотечен месечник, а денес е главен и одговорен уредник на списанието за историја и теорија на филмот Кинопис. Соработник е во повеќе енциклопедиски изданија: Филмска енциклопедија – книга 1 и 2 (Југословенски лексикографски завод „Мирослав Крлежа“, Загреб 1986), Македонска енциклопедија за деца (Детска радост, Скопје 1990), Македонска енциклопедија за млади (Детска радост, Скопје 1995).
Објавува и во периодиката: Филм-Фокус, Просветена жена, Вечер, Културен живот, Денес, Премин… Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари… Објавувала и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија, итн.
Објавени дела: Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, Скопје 1991) и Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Кино-сојуз на Македонија, Скопје 2000).

Поврзани вести