
Филмот „Татко, Мајка, Сестра, Брат“ на американскиот режисер Џим Џармуш синоќа го освои Златниот лав, главната награда на 82-от Меѓународен филмски фестивал во Венеција (Мостра).
Филмот е истражување на семејните односи меѓу Њу Џерси, Даблин и Париз, со познати актери меѓу кои се Адам Драјвер, Кејт Бланшет и пејачот Том Вејтс.
Голем фаворит за главната награда беше филмот за Газа од тунискиот режисер Кутер Бен Ханија, награден со Сребрен лав, втората највисока награда на фестивалот.
Нејзиниот филм „Гласот на Хинд Раџаб“ (The Voice of Hind Rajab) е драма за судбината на шестгодишно палестинско девојче, кое беше убиено од израелските сили во Појасот Газа во јануари 2024 година.
Мостра, која започна на 27 август, е затворена со филмот „Куче 51“ на францускиот режисер Седрик Хименез. Тоа е еден од главните филмски фестивали во Европа, заедно со фестивалите во Кан и Берлин.
Фестивалот, како дел од Биеналето во Венеција, го основал грофот Џузепе Волпи во 1932 година.
Од 1932 до 1942 година, главната награда на фестивалот, Златниот лав, била наречена Куп на Мусолини, по тогашниот италијански фашистички премиер Бенито Мусолини.
Наградата била наречена Златен лав во 1949 година, а првата чест му припаднала на францускиот филм Манон.