
Со особено задоволство ја споделуваме веста дека филмот „Сите го викаат Реџо“ на режисерот и сценарист Ибер Деари, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, ја освои престижната награда „Franco Cassano“ за најдобар филм во селекцијата Meridiana на овогодинешниот Bif&st Bari International Film&TV Festival 2025 во Италија, соопштија од Агенцијата за филм.
Жирито, предводено од познатиот франко-марокански писател Тахар Бен Џелун, ја образложи својата одлука со следните зборови: „Поради интелигентниот ритам на монтажа, строгоста во режијата и суптилниот, ироничен пристап во сценариото.“
Сценаристи на филмот се Ибер Деари и Артин Селмани, продуцент е Сашо Павловски, а музииката е на Дарко Спасовски. Актерските улоги ги толкуваат: Африм Мучај, Адријана Матоши, Береда Решит, Ледион Мулаку, Адем Карага, Бујар Ахмети и други.
Многу сме среќни и горди што „Сите го викаат Реџо“ беше награден на престижниот Меѓународен филмски фестивал Бари во Италија, со награда за најдобар филм во натпреварувачката категорија Меридијана. Оваа категорија е посветена на филмови од земјите од Медитеранскиот регион и нашата селекција меѓу другите моќни дела беше голема чест. Благодарност до жирито, фестивалот, публиката и сите кои веруваа во овој филм и гласот што го претставува. Да живее киното!, се вели во објавата на режисерот и сценарист Ибер Деари.