Skip to main content

Денеска почнува 16. ЕХО – Фестивал на планински филм

Од денеска до  24 октомври во Кинотеката ќе се одржува 16. ЕХО – Фестивал на планински филм, кој вечер ќе биде отворен со полскиот филм „Последната експедиција“ (The Last Expedition) на режисерката Елиза Кубарска – инспиративна приказна за жени алпинисти кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите.

Покрај проекцијата, обраќање ќе има и писателката Ана Камињска од Полска, која е автор на книгата „Ванда – приказна за силата на животот и на смртта, приказната на Ванда Руткевич” која ќе биде издадена од ЕХО во рамки на фестивалот.

На првата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите „Девојка качувач“ (The Girl Climber) и „After Antarctica“. 

Годинава, фестивалот ја става во центар поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет. Посебен дел од програмата е посветен на еколошките филмови кои се селектирани целосно во соработка со Македонското еколошко друштво – МЕД кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата. Покрај филмската програма, ЕХО 2025 ќе понуди и предавања и презентации со врвни планинари, режисери и уметници од регионот и Европа. Посебно внимание предизвикува гостувањето на словенечките алпинистки и документаристки, кои ќе ја претстават својата визија за женската перспектива во алпинизмот и современото истражување. Тимот Словенки – Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар – ја претставуваат женската експедиција на Лалунг во Индија и се добитнички на „Златниот цепин“ (Piolet d’Or), највисокото светско признание во алпинизмот, што ја зацврстува темата за родова видливост и меѓународен успех, соопшти тимот на ЕХО фестивалот. 

Публиката ќе има можност да присуствува и на македонски презентации – од искуства на локални планинари и документаристи, до разговори за еколошки иницијативи и развој на outdoor културата во земјава.

Иако е тематски посветен на планината, ЕХО е урбан по концепт – сите проекции и придружни настани се одржуваат во Кинотеката на РСМ во две киносали. Главниот предизвик на фестивалот е да ја пренесе автентичната енергија и слобода на планината во срцето на градот – преку филмови, изложби, разговори и живи средби со луѓе кои ја живеат планината. Во текот на фестивалот ќе се одржат и детски работилници посветени на креативноста, природата и екологијата, со локација во Europe House Skopje, се наведува во соопштението за фестивалот на кој влезот за сите настани е бесплатен.

Фестивалот ЕХО е член на IAMF – International Alliance for Mountain Film, заедница што ги обединува најреномираните фестивали од овој жанр во светот.