Skip to main content

Зошто левицата мрази?

Во минатата колумна (https://republika.mk/kolumni/za-kogo-vsushnost-rabotat-sluzhbite/) зборувавме за проблемот во македонските безбедносни служби, такви какви што ги имаме наследено од минатата држава, кои едноставно не веруваат во новата држава на која што и служат. Не веруваат во постоењето на македонска национална држава – што е во директна спротивност со нивното многудецениско претходно програмирање. Не веруваат ниту во демократскиот систем, што го гледаме во постојаните злоупотреби, како и со неколкуте големи политичко-безбедносни кризи што ги креираа нашите „безбедносни“ служби, а чија цел беше да се спречи промена на власта.


Но, ако ги гледаме одметнатите безбедносни служби како продолжена рака на политичката и идеолошката левица (што праксата повеќе пати ни докажала дека се), можеме да заклучиме дека нивната мисија е уште поштетна од некакво донкихотско протестирање против сознанието дека нивното време завршило и дека целосно потфрлиле во задачата да си ја зачуваат државата и политичкиот систем.

Во нивниот револт против новото време, новата држава, новиот систем, ја гледаме левицата како ја отфрла цивилизацијата во целина. Во ред, дел од нив не размислуваат претерано за тоа што го прават, и логиката им е сведена на – имаме пристап до алатките на моќта и можеме да ги користиме за лично богатење. Другите, кои се обидуваат да покажат дека се водат од некаква идеологија во тоа што го прават, одат дотаму што јавно се колнат на верност на политичкиот систем и организациите против кои нивните татковци и дедовци се бореа (капитализмот и НАТО), па се спремни да апсат дисиденти, да тепаат демонстранти и да прислушкуваат како во времето на најцрниот комунизам – но овојпат во служба на Западот.

Но, голем дел од идеолошката левица, во безбедосните служби, интелектуалата, невладините, медиумите.. одат до крајната крајност – се препуштаат на целосен нихилизам и поддржуваат расформирање на семејството, неограничен абортус, забрзување на демографските промени, релативизирање на значењето на поимот нација и историја, на улогата на мажот и жената во општеството, на разликите меѓу мажот и жената, па дури и измислуваат десетици меѓукатегории меѓу половите, па се обидуваат да изманипулираат деца и да им ги упропастат животите со нивната изопачена родова идеологија.

Тука морам да направам една белешка за читателите кои имаат нормален живот и работа, кои не дремат на твитер и другите социјални мрежи и кои можеби не се доволно навлезени во патологиите на левицата. Тие читатели можеби мислат дека претерувам, дека западната левица се уште е она работничко, синдикално движење од минатото, и не е до толку отидена со паметот. Но дури и тие читатели веројатно се запрашаа, што им е на Европејците додека ги гледаат милионските колони мигранти кои поминуваа низ Македонија во 2015 и 2016 година, биле или слушнале за состојбата во градови како Брисел, Париз и Њујорк и ќе видат како, на пример, во една Америка се штанцаат кривични пријави па на крај и обид за атентат врз претседателот на државата, а минатата недела и на еден од неговите гласноговорници.

Значи, и покрај најдобра волја, мораме да сфатиме дека оваа левица не е таа што ја знаевме од минатото (некои не и го признаваат ниту името левица, туку експериментираат со изрази како либерали, или, кај нас – шарените).


Како да ја објасниме оваа самоубиствена логика во која се подлабоко запаѓа левицата, и омразата која очигледно ја чувствуваат кон општествата од кои произлегуваат и во кои се уште живеат? Толку ли не им е гајле каде живеат?
Некои од идеите со кои се расфрла левицата може да се засновани во реалноста (нивната верзија на реалноста) – на пример забрзување на демографските промени, издавањето пасоши на етнички малцинства, а обесхрабрување на домашниот наталитет значат повеќе гласови за нив во следните неколку изборни циклуси (и така ќе тераат додека целата композиција не излета од шините).

Некои идеи можеби им звучеа добро на хартија – еве, ќе се откажеме од елементите на македонскиот национален идентитет бидејќи сме добри Европејци и нашите соседи ќе се посрамат од нашата просветленост и самите ќе станат просветлени и ќе не пуштат во ЕУ – но обидот да се спроведат во пракса заврши катастрофално. Но, добар дел од идеите кои ги промовираат делуваат како размислувања на длабоко повредени личности, разочарани во себе и другите, кои како да одвај да чекаат се да отиде во Хондурас.


Притоа, да не им даваме премногу кредит на нашите левичари – тие ништо самите не смислиле, туку само повторуваат идеи со кои ги наклукале на семинари и вебинари нивните идеолошки колеги од Западот. Големата разлика е што западните земји можат некое време да ги издржат погубните идеи на левицата. Иако многу од западните земји веќе се во состојба на отворен бунт, откако видоа како големи делови од нивните најпрестижни градови се претворија во воени и криминални зони, индустријата им се пресели на исток, а идните генерации се топеа дури и пред да дојдеме до денешната состојба во која млада двојка може да сонува да купи дом.

А и методите им се преземени од надвор, секако со додавање на домашен шмек – на пример, во Македонија брутално се прислушкувало (во одбрана на тековините на шарената револуција), но и Германија, Франција и Италија не се зафркаваат, со постојаните разузнавачки и судски процеси против политичките партии кои бараат да се стави крај на неограничената миграција.

Да не зборуваме за поништените избори во Романија, масовните апсења на опозиционерите во Полска, и секако, круната на сите овие процеси – бесконечните судски, пропагандни и разузнавачки операции да се саботира првиот мандат на претседателот Трамп.


И ако западните земји можат некое време да тераат под власт на налудничави елити, малата Македонија, по неколку силни удари како што беа економскиот колапс на транзицијата, 2001 и шарената револуција, и со постојаните притисоци врз идентитетот и корупцијата, тешко дека може да издржи и владејачка елита која активно работи против сите човечки и природни закони. Не дека нашите соседи се во кој знае колку подобра положба, но тие барем не дозволуваат државата да им ја води самоубиствниот култ на левицата.


Идеолошката и политичката борба што се води е глобална. Организациите што ја водат се глобални – истите невладини организации со истите финансиери, истите аналитички центри, промовираат разнебитување на јавниот ред и мир во Мемфис (каде што светот беше шокиран гледајќи како уличар убива украинска бегалка), отворање на границите на Британија и Италија кон третиот свет, продолжување на војната во Украина до последниот човек способен да држи пушка. Истите организации, односно нивните локални клонови, ги промовираат безбедносните и политички кризи во Македонија, разградување на националниот идентитет, ревидирање на историјата и, согласно нивните проценки до каде е општеството отидено – промовираат напуштање на традиционалните семејни односи.

Многу пати сме ги исцртувале шемите на овие организации и нивните извори на финансирање, од семинарите и вебинарите во и околу Скопје, преку универзитетот што го имаа во Будимпешта, аналитичките центри во Берлин и Брисел до УСАИД грантовите што течеа од Вашингтон. Ние можеме да пружаме отпор одредено време, но за реална пресвртница, неопходно е таа да дојде од изворите од каде што произлегуваат овие налудничави идеологии. Новата американска администрација почна да се справува со нив – пред се со укинувањето на фондовите на новата левичарска Коминтерна – УСАИД.


Се оставува прашањето, зошто левицата толку го мрази општеството и сака да го уништи?
Статистички гледано, левицата по правило луѓе кои не се успешно реализирани во бизнисот и во семејството. Некогаш идеологија на работничката класа, левицата денес е идеологија на немажените/неженетите урбани граѓани кои работат за државата, во безлични јавни институции или компании. Кои никогаш не постигнале нешто сами за себе туку чекаат да им биде дадено. И ги мразат другите, кои се реализирале на деловен или приватен план. Статистички гледано левицата нема свои деца, па затоа се инфилтрира во образованието, во обид да ги „воспитува“ туѓите деца во согласност со своите идеи. Една од најморбидните сцени што ги гледаме на социјалните мрежи е кога левичарите гласно се пресреќни затоа што успеале да му го поматат умот на едното од децата на Илон Маск, и да го убедат да врши медицински експерименти врз себе затоа што така ќе си го променел полот.


Покрај контролата на медиумите, безбедносните служби и политичките процеси, многу важен дел од стратегијата на левицата е да држи контрола врз младинските организации и универзитетите. Младите луѓе по дефиниција се без имот и семејство, како и без политичко и животно искуство, и се идеални за обработка од страна на левите организации.

Се сеќаваме колку, во пресрет на шарената револуција, се инвестираше во младински активистички организации или „еколошки“ групи, со цел да се изманипулира и мобилизира овој дел од популацијата, и долго потоа шарените велеа дека револуцијата им почнала со „студентските пленуми“. Бевме сведоци како шарените и нивните обвинители жестоко ги напаѓаа новинарите, пратениците и разузнавачите кои се обидуваа да си ја заштитат државата – левицата беше решена да ги издоминира овие области. Но, во областа на младешкиот активизам скоро и да немаше спротиставена организација, која ќе делуваше меѓу младите – тоа поле во целост им се препушти на левите.

Се сеќаваме на неколку инциденти кога професори кои зборуваа против шареното лудило беа таргетирани на факултетите, но организирано контра-движење кај младите немаше.


На американски план, таква организација беше TPUSA на Чарли Кирк. Младинска организација, активна на факултетите и средните училишта, која промовира идеи од светот на возрасните. Честопати Кирк и неговите активисти не мораа ништо да кажат, доволно беше да постават камера или штанд на некој универзитет и да им дозволат на младите леви шарени активисти да кажат што навистина мислат за економијата, безбедноста, миграцијата, па дури и најпростото прашање „што е жена“, на кое голем дел од левите немаат здраворазумски одговор.


Претставувањето на левото лудило пред пошироката јавност, и нудење на едноставни алтернативи на шарениот начин на живот се покажа како крајно ефикасно. Кои беа пораките што оваа организација им ги нудеше на младите Американци? Одржувај стабилна врска, стапи во брак, основај семејство, почни бизнис и работи. Ништо револуционерно, а сепак моќна порака спротиставена на левиот нихилизам.

Спротистави се на културата која на младите мажи им нуди лесни дроги, крипто и кладилници, а на жените – прескапо децениско образување, проследено со кариеризам без семејство или онлифенс кариера (една до најмоќните сцени на младиот активист беше настапот на емисијата Whatever каде што се обиде на група девојки од онлифенс индустријата да им објасни што значи да се има нормален семеен живот – https://www.youtube.com/shorts/VtCFeJrHecw)


Тоа што овој млад човек, татко на две деца и талентиран говорник, но и организатор, покажа храброст да излезе на терен досега резервиран за левицата, го направи еден од најистакнатите непријатели на шарените движења. Младинскиот активизам мора да е нивен терен, и никој не смее да им се меша во индоктринацијата на младите умови, особено не ако формира организација која доста наликува на нивните пленумски, дебатни невладини кружоци, но промовира порака која е сосем спротивна од нивната. Колку и да беше ужасна снимката што го обиколи светот – на снајперскиот истрел што го прекрати животот на младиот активист пред неговата сопруга и децата, можеби уште по-грозни беа илјадниците видеа на Тикток во кои левичарски дерлиња, со недефиниран пол и со коси во сите можни бои се церекаа и танцуваа, радосни што Чарли Кирк бил застрелан.


По шокантните сцени од САД од минатата недела, колењето на Ирина Зарутска и застрелувањето на Чарли Кирк, јасно е дека голем дел од акцијата против налудничавата, разулавената левица ќе биде да се сечат изворите на финансии на нивните организации, безбедносни операции таму каде што безбедносните служби не се во нивни раце, а може да продолжи и сегашната кампања на посочување и бркање од работа на сите кои јавно се радуваа на неговото убиство. Но, на индвидуално ниво, најдобар начин еден млад човек да се спротистави на ова зло што го има зафатено светот, е да биде продуктивен, да основа семејство и да ја почитува мудроста на постарите кои исто така, во свое време, се соочиле со слична верзија на истото зло.

Поврзани вести