Skip to main content

За кого всушност работат службите?

Во досегашната историја на Македонија, две реформски, патриотски влади формирани од ВМРО-ДПМНЕ беа соборени од безбедносно-политички кризи кои не можеа да се случат без директна вмешаност на безбедносните служби чија номинална задача е да ја бранат Македонија. Војната од 2001 година практично почна во 2000 година со првиот скандал со прислушување во кој СДСМ ја обвинуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека во нецелите две години на власт толку силно успеала да ги завладее безбедносните служби (кои во претходните 40 години комунизам систематски работеа да ги уништат сите патриотски организации од кои се изроди ВМРО-ДПМНЕ) што почнала да ги злоупотребува за прислушкување на новинари и опозиционери. Тогаш немаше Јутјуб, па лидерот на СДСМ Црвенковски ги докажуваше своите тврдења со испринтани записи од телефонски разговори, за кои група новинари јавно се колнеа дека се точни и бараа одговорност од Владата на ВМРО. Политичката криза која ја предизвика овој скандал многу придонесе до војната, од која ДУИ излезе како воен, а СДСМ како политички победник, додека бројните безбедњаци од орбитата на СДСМ протифитираа на разни начини (коалицијата која СДСМ и ДУИ ја формираа тогаш деновиве е пред клучен тест).
Безбедносните служби повторно беа во центарот на скандалот со прислушувањето од 2015 година. И повторно истата приказна – ВМРО прислушкувало, се снимале самите себе, но не и опозицијата, и ги оставиле снимките на дофат на агенти кои биле толку згрозени од злоупотребите на службите што немале друг избор освен снимките да ги однесат во СДСМ и да ги искористат како изговор да почне кампања за уривање на македонската Влада, сесрдно поддржана од соседни држави и западни дипломати и служби. Коалицијата СДСМ – ДУИ повторно профитираше, со тоа што на крајот на процесот, местата на двете партии во коалицијата се сменија, и таа стана ДУИ – СДСМ. Македонија овојпат имаше можност да почувствува што значи да се спроведат економски реформи и да има власт која се грижи за македонските национални интереси, но последиците од седумгодишниот режим на Заев поништија голем дел од придобивките од претходниот период.
По овие две искуства, кои Македонија одвај ги преживеа, и од кои излезе преименувана, понижена и внатрешно редефинирана, јасно е дека задача број еден за новата, треа по ред македонска Влада, е да се справи со токсичниот центар на моќ кој ги предизвика двете претходни кризи. Центарот има повеќе имиња – УДБА, УБК-ДБК, моментално е преименуван во АНБ, а имало обиди да добие и прекар (на пример Службата) – налик на тоа како Организацијата се користи за ВМРО. Може да се каже дека тајната комунистичка служба е мрачен брат близнак на историското ВМРО – како оригиналот, се работи за систем кој комбинира политичка идеологија, економски интереси, пропаганда и добра доза на криминал. Но нивните цели се спротивни. ВМРО е производ на периодот на национализам – патриотизам во Европа, реакција на другите балкански национализми и се залага за национална држава на Македонците во нашите историски и демографски граници. УДБА од самиот почеток работи да се убие оваа идеја и да се замени со митот на југословенството, во чиј интерес Македонија уште на самиот почеток е принудена да се откаже од Македонците во Егејска Македонија (па дури да не ги прими ни како бегалци туку да ги расфрла од Албанија до Ташкент). УДБА систематски елиминира или инфилтрира сите кружоци во кои опстојува идејата за независна Македонија – се со цел да ја заштити Југославија. Една од најбизарните приказни во врска со комунистичката тајна служба е што години по распадот на СФРЈ, со што југословенската и македонската УДБА го претрпуваат својот најголем пораз и потфрлаат во основната задача која им била зададена, тајната служба на сега веќе независната Република Македонија се уште има одделение за борба против „македонски екстремизам и национализам“. Што е невидена шизофренија – замислете друга млада независна држава да има безбедносна служба која и формално работи против самата себе. Но, ако може да си дозволам да ги психоанализирам кадрите на оваа служба, ова и не е многу необично за нив. Тие израснале со митот за југословенството и југо-братството, добиваа неброени привилегии да ги кодошат сите вистински или замислени противници на Титовата држава, и никогаш не и простија на Македонија и на македонските патриоти што им ја растурија државата на која што и служеле. Во ред, голем дел од нив работат против својата држава за профит или привилегии, кои се уште ги добиваат како од Македонија така и од соседните и странските држави, но ако имаат некаква идеологија во нив, тоа е југословенството (кое деновиве се обидуваат да го заменат со колнење на НАТО и ЕУ – со истата лигавост и понизност која ја искажуваа кон СФРЈ). Притоа гледаме како на нашите безбедњаци (преку јавни настапи на на нив блиските новинари и експерти) не им паѓа тешко да прифатат да работат за разни странски интереси, спротивно на македонскиот национален интерес, а и за регионалните мафии, пред се албанската и отворено промовирање на нејзините национални интереси.
Ако се обидувам уште повеќе да ги психо-анализирам, бизарен момент беше како удбашите, кои обично работат од позадина, решија сами да си доделат главни улоги во скандалот со прислушкување од 2015 година. Па се прогласуваа за „свиркачи“, за демократски херои, па си доделуваа плакети и награди за предавството што го вршеа. Но, тоа само покажа дека некои од нив почнале и да веруваат во смутовите што ги продаваат, односно да ја користат робата што обично ја подметнуваат на други.
Прашањето за кого работат е големиот проблем во функционирањето на македонските безбедносни служби. Јавноста е свесна дека имаме работа со предаторски соседи, криминално подземје во служба на национални агенди, исповрзано со западните служби и политичари. Јавноста очекува дека нашите сопствени безбедносни служби се тука да се спротиставуваат на туѓите интереси и би била спремна и да прифати користење и на „балкански тактики“ (што би рекол еврокомесарот Хан) за државата македонската нација да бидат безбедни. Но, ништо од минатиот труд на нашите безбедносни служби не ни дава да помислиме дека тие навистина го имаат нашиот интерес во предвид.
Други организации, на пример сојузот на студенти или здружението на архитекти, кои беа многу активни за време на шарената револуција, кои беа задолжени да ја ругаа идејата на историска македонска нација со корени на овие простори или да генерираат младешки бунт на лесно заводливи граѓани (кои се уште немаа доволно лично искуство со СДСМ) – тие организации немаат обврска да бидат патриотски. Тоа не е дел од нивната мисија. Но, безбедносните служби на национална држава по дефиниција треба да ја бранат таа држава и националниот интерес, дури и ако приватно уште тагуваат по претходната држава. Едно е ако архитект седне да разговара и да се согласува со странски новинар пратен по задача да ја исмева македонската историја. Сосема друго е кога агент на безбедносна служба седне да се пазари (да се продава) на странска служба. Првото е мизерија, второто е предавство. Затоа, проблемот што го имаме е далеку посериозен од постоењето на нереформирана служба од комунистички тип која користи илегални тактики и методи – се поставува прашањето за кого всушност работи нашиот безбедносен сектор и за која цел се применуваат тие тактики? (дури и тоа што требаше да биде патриотско јадро во безбедносните служби на крајот собираше гласови за промена на името – иако по солиден отпор пружен во борба со далеку посилниот непријател).
Деновиве за почеток се занимаваме со тактиките на тајните служби. Раководството на АНБ спроведе ревизија на работата на претходното раководство, и резултатите се згрозувачки (но и очекувани). Никој не се сомневаше дека партија донесена на власт со помош на удбашки кадри и со злоупотреба на прислушкувани материјали ќе ги користи алатките на службата против своите политички противници. Сега имаме и потврда – власта на Заев го следела лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, како и новинарите и управата на најголемите критички медиуми во државата. Следени биле и луѓе од нивните редови, по се изгледа во моменти кога покажувале непослушност, односно се приклонувале кон една или друга страна во внатрепартиските пресметки. Како што наведуваат од самата АНБ, но и познавачи на оваа материја, доказите за овие злоупотреби се лесно достапни, содржани во белешките во архивите на АНБ и во системите за прислушување. Прашање е дали овие докази може да се декласифицираат, како што бара стариот удбашки кадар Виктор Димовски, во очигледен обид да се заштити од одговорност. Но, постојат начини да се задоволи интересот на јавноста – на пример преку собраниската комисија за надзор над работата на безбедносните служби.
Справувањето со злоупотребите во рамките на безбедносните служби е нешто што мора да се спроведува паралелно со веќе иницираните смени во судството и обвинителството. Овие системи се поврзани (прашање е колку се работи за различни системи или за повеќе гранки на едно стебло). Во деновите што доаѓаат ќе видиме како разните елементи на Службата се бранат и покриваат меѓу себе – преку медиумите, експертско-невладиниот сектор, криминалното подземје, па можеби и некој залутан странски дипломат. Но, веќе премногу пати ни ја подметнаа истата игра, и сите трикови им се веќе прочитани, за да може да се надеваат дека повторно ќе им успее.

Поврзани вести