
Иронијата сакаше апсењето на поранешната висока дипломатска претставничка на ЕУ Федерика Могерини да дојде во време кога дел од европските претставници водат кампања во Македонија и бараат од владата да ги прифати сите барања на дискредитираното судство во земјата. Кампањата е од низок интензитет, не видовме многу навистина високи претставници на ЕУ да го покренат ова прашање, и за неа знаеме главно од изјавите на претседателот на Владата, како и од извештаите на про-опозициските медиуми.
И нормално е дека ЕУ нема многу јавно да притиска за ова прашање, имајќи го предвид колапсот на нивниот углед во Македонија поради неуспехот да испорачаат ниту минимум од ветеното. ЕУ не може да вети дека исполнување на нивните реформски барања ќе доведе до било каков напредок на Македонија, имајќи предвид дека главна пречка е билатералниот национален спор со Бугарија. Оттаму, кредитот на дипломатите во Брисел и амбасадите во Скопје да бараат нешто во полза на нивните миленичиња во Македонија е исклучително низок. А сепак, јасно се гледа дека дел од овие дипломати и амбасадори горат од желба да интервенираат.
Нивниот план А беше дека ДУИ убедливо ќе победи на локалните избори, по што премиерот Мицкоски ќе биде принуден да ги прими во Владата, и тие одвнатре ќе почнат да ја поткопуваат позицијата кон Бугарија со постојани закани за напуштање на коалицијата и создавање политичка криза, додека конечно не дојдеме до некоја нова Преспа. Но, ДУИ беа поразени, а СДСМ прегазени на изборите, и дипломатите, но и Софија, сакале или не, сега знаат дека нема наскоро да видат некој нов Заев на власт во Македонија.
Но, ако не можат да се инфилтрираат директно во Владата, СДСМ, ДУИ и на нив наклонетите странски фактори имаат контрола врз една друга гранка на власта – судството (со се обвинителството).
Партиските кадри се вгнездуваа во овие служби низ годините на режимот на Заев, а системот е така поставен да е тешко да ги смениш. Но сведоци сме дека и претходно, во периодот кога ВМРО наводно имаше целосна контрола врз државата, сепак, во 2015та година, кога падна команда од амбасадите, лесно се најдоа десетици судии и обвинители кои се приклучија кон шарената револуција, штанцаа небулозни кривични пријави без срам и усул, кои деновиве им паѓаат и во Стразбур. Тоа ни покажа дека партизираноста и инфилтрацијата во нашето судство е од многу сериозен карактер. Дел од проблемот тука се проектите со кои и американската амбасада сака да се фали, дека потрошиле половина милијарда долари на реформирање на македонското судство (и со бројки – 500,000,000 долари).
Се покажа дека тој што плаќа за свадбата ја бира и музиката, па така, кога САД решија да извршат промена на власта и името на Македонија, вака „изреформираното“ судство немаше проблем да најде кадри спремни да се приклучат на кампањата. Притоа, судиите и особено обвинителите бргу сфатија дека фотографиите со американските и европските дипломати и безрезервната поддршка од странскиот фактор можат лесно да ја искористат за рекетирање бизнисмени, што доведе од подемот и падот на рекет империјата на Катица Јанева, срозување на угледот на судството во очите на јавноста и многу оправдан длабок цинизам кон се што ќе каже некој странски претставник.
Оваа ера во македонското судство најдобро ја опиша тогашниот соборец на Могерини, Јоханес Хан, кој на режимот на Заев јавно му даде поддршка да апси и беси, само да се смени името. Пораката беше дека тоа треба да се реализира со комбинација на европски и балкански тактики. Какво безобразие е сега, од Европската Унија, да слушаме критики за корумпираноста и политизираноста на судството, и барања за реформи – кога токму ЕУ бараше овој систем целосно да се политизира во полза на Заев и ДУИ.
Но, сепак, вистинскиот извор на партизираноста е во неуспехот да се реформира судството наследено од комунизмот, со неговата целосно подреденост на партијата, тоталитарниот светоглед, врските со тајните служби и олигарсите. По принципот на вработување одобрени кадри (честопати буквално деца на претходната генерација судии и обвинители) овој систем се одржува во живот. Единствено што се смени, е што извршителите на системот, место да служат на источната геополитичка опција, се прешалтаа да работат за западната опција, по принципот „за добра свиња нема лоша помија“. Просто да помисли човек дека, ако утре паднеме под ИСИС, истите судии и обвинители, или нивните деца, ќе се нудат како експерти за шеријатско право.
Судството и обвинителството во оваа држава на двапати влегува во масовни политички пресметки – и тоа секогаш против една политичка опција. Откако го преспаа грабежот на општествениот имот во 1990ите години, по враќањето на СДСМ на власт во 2002 година (по де факто првата шарена револуција која заврши со испровоцирана војна) судството систематски почна да апси високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, како тие да се виновни за сите зла во земјата, додека олигархиските газвази во СДСМ и буквалните воени злосторници во ДУИ остана заштитени. Ова се повтори по втората шарена револуција, со систематското и масовно апсење на раководството на ВМРО-ДПМНЕ по 2017та година. Двајца премиери и неброени министри и функционери од тие две влади на ВМРО беа на удар на апсолутно партизираното судство.
И сега ЕУ бара на овој нереформиран монструм, во кој уште водечки улоги имаат првенците на Катица Јанева и на шарената револуција, да му се дадат неограничени средства за повторно да го направи тоа што очигледно му е основна цел и задача – да ги држи СДСМ и ДУИ на власт и да ги амнестира за нивните злосторства и корупција. Како инаку да се објасни целосната незаинтересираност на судството за десетиците огромни корупциски скандали кои ВМРО-ДПМНЕ секоја недела ги презентираше од опозиција, а за кои јавноста сега со право бара правна разврска.
Судиите и обвинителите денес одат по западните дипломати да се жалат дека немале доволно ресурси за работа. Како најдоа ресурси да ги истражат буквално сите министри и повисоки владини функционери како и четвртина од пратениците по шарената револуција? Како имаа ресурси да преслушаат илјадници снимки и од нив да одберат тоа што им одговара на нивните политички налогодавци – плус по некоја интересна снимка за рекет на бизнисмени – а другото да го забошотат? Како имаа ресурси да апсат пратеници и да им ја дозираат мерката притвор додека не дојде време да се гласа за промена на името и идентитетот? На дело видовме како овој систем може и знае да се организира и да дејствува, и да фабрикува, измислува и манипулира, но само кога за тоа има политички интерес и цел. Луѓе кои ги гледавме како живеат од милионски рекет и кои имаат углед во јавноста на ниво на статистичка грешка се жалат дека мали им биле платите.
Секогаш кога европските дипломати наклонети на СДСМ и ДУИ сакаат да ја блокираат Македонија, изнаоѓаат по некој изговор различен од очигледниот – блокадата од соседите и неколкуте поголеми европски држави. Изговорите вклучуваа недостиг на политички дијалог, па поплаки од сексуалните малцинства, па немање медиумски слободи – се изнасилени прашања кои тешко се мерат и дефинираат, и се сведуваат на чувство на некого дека не е испочитуван од власта. Кревање на судството како тема целосно одговара на овој модел – мала група на исклучително исповрзани и партизирани личности, добро финансирани од дома и од надвор, кои имаат власт која не ја заслужуваат, со долг историјат на агресија врз политичките противници но кои лесно може да се прогласат за жртви – дури и со помош на исценирани инциденти.
А по потреба, оваа група, која со децении апсеше, прислушкуваше и рекетираше по јасно политичка линија, може да се обиде да покрене и нови исценирани случаи против власта, повторно со некакви храбри „свиркачи“ или сомнително добиени снимки. Да видиме дали планираат и повторно да печатат мајци и да викаат странски новинари и дипломати да промовираат очигледно некомпетентни и инструментализирани обвинители и судии, и дали мислат дека навистина повторно некој ќе им поверува. Во САД имаат израз за кампањата што ја гледавме кога европските и американските дипломати решија да прават херој на чесноста и интегритетот од едно суштество како Катица Јанева – ставање кармин на свиња.
Деновиве не гледаме да излезе еден нов таков лик кој би ја понел оваа нова офанзива на СДСМ, ДУИ и нивните странски помагачи, но се прави обид судството и обвинителството во целина да се прогласат како херојска, храбра и интегритетна независна власт која го има само најдобриот интерес на државата во предвид. Не постои доволно кармин да се нашминка таа свиња.
Мотивите на СДСМ, ДУИ и нивните инсталации во судството и обвинителството да го прават тоа што го прават се јасни. Да се надеваме дека Европската Унија нема да реши тоа малку преостанат углед што го има во Македонија и кај македонските граѓани да го потроши на очајнички обид да интервенира во политичката сцена преку оваа зомбифицирана и крајно дискредитирана гранка на власта – всушност алатка на две политички партии. Бидејќи ќе им заврши уште полошо од полагањето надеж во изборните капацитети на ДУИ и СДСМ.

Македонски







