
Ајде со ред да ги “љуштиме” кошулите и да ја разголиме вистината. Секако, споредувајќи Локални со Локални процеси.
Затоа се послужив со податоци (види фото ) за резултати од 2017, 2021 и 2025 година за Скопје како најголем удел во таа битка.



Со речиси половина милион гласачи, Скопје може да се гледа како “репрезентативен модел” од четвртина од вкупниот гласачки базен во Македонија.
Па така, во 2017 година излезноста во Скопје е 60% од запишаните избирачи. Шилегов освои 141.164 гласови во првиот круг, затворајќи ги изборите со над 50% излезност.
Во 2021, Шилегов во првиот круг освои 78.783 гласови во првиот и 90.672 во вториот круг. И загуби.
Веќе во 2025 година, СДС во Скопје во првиот круг освојува 26.737. Со тоа, СДС падна на четврта партија во Скопје.
Ај сега малку за ВМРО-ДПМНЕ.
Орце Ѓорѓиевски во прв круг 2025 освојува 91.663 гласови.
ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година во првиот круг освојува 86.698 гласови.
Во 2017 година, 101.472 гласа.
Што оваа споредба покажува? ВМРО-ДПМНЕ во овие 8 години, па и една деценија, има стабилна поддршка и е во рамки на “нормалата”, дури ако се земе предвид дури и “референдумската” 60% излезност во 2017; односно дека сега во првиот круг има 5.000 гласови повеќе од 2021 година.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ се реформираше, се оттргна од багажот, расчисти во своите редови, прочисти акти, прочисти “списоци”, се растовари од “долгови”. Искрено се погледна внатре, пред да тргне напред.
Но што е со СДС?
Ако во 2017 година, при излезност од над 60% , СДС имал поддршка од 141.164 гласачи, во 2021 има пад од над 62.000 гласови во првиот круг;
Денес СДС не може да освои ниту 1/3 од првиот круг во 2021.
Математички:
141.164- 78.783= 62.381
Или
78.783- 26.737= 35.644
Во превод, СДС има повеќе изгубено, отколку што останале гласачи, и тоа за цели 9.000 гласови поддршка. За само 4 години загубиле 35.644, останале 26.737 гласачи.
Ако па направиме споредба со 2017 година, тоа се цели 114.427 гласови!
114,4 илјади загубени, изневерени, разочарани гласачи на СДС.
Скопје го земав како репрезентативен модел за тоа што се случува во цела држава, во секоја општина, населено место, околина на избирачко место. И нема погрешка.
На што се должи ова? Токму на изостанувањето во СДС на делот во којшто го опишав ВМРО-ДПМНЕ со расчистувањето, со “внатрешната катарза” низ која што мина ВМРО-ДПМНЕ пред повторно искрено да се претстави пред народот.
Но што сега се случува, и со СДС и со дел од медиумите?
Тоа што оние коишто времено раководат со СДС, може и да ги разберам, тие се борат да ги зачуваат местата, па се силат меѓусебно дека се супер. Како Венко, или Ана која потопот го претставува како успех.
Но се чудам на медиумите, чија што цел сепак треба да е повисок од “раката која дава”.
Срамно е да се читаат наслови и да се гледаат вести за успех на СДС која заврши петта во Скопје, со загубени најмалку 35 илјади гласови во Скопје, а да се анализира наводен пад или загубени гласови кај оние коишто освоија 33 општини во првиот круг. И согласно моделот во Скопје, во локални избори со мала излезност за што пак науката има свое мислење.
Со тоа, еве нема да ги наведувам тие медиуми, сепак не се на левел на основната задача, да информираат во насока на едукација и развој на демократијата во Македонија, да влијаат на процеси за развој и надминување на состојбите. Па дури и на политичките опции кои им се, ќе речам, приватно блиски.
Затоа, барем за мене, ваквите анализи, па и да се нарачани (со молба де), ќе остават дамка на овој инаку можеби најперфектен изборен процес во Македонија.
Сепак, најсрамно во овие денови на изборна пауза, најсрамно е за доктори и за универзитетски професори, срамно е за луѓе кои воделе огромен невладин кампус до вчера, да не излезат и јавно да се повлечат од политиката. Да покажат колку -толку демократска култура. Да погледнат барем на довчерашниот “партнер” – Бујар Османи. Па и во тоа дека не обвини ниеден медиум за поразот и вистината.
Срамота е; навистина е срамота! Потоп поголем дури и од загубените гласови.