
Изборите кои што во неделата се оддржаа во Германија го бетонираа впечатокот кој што се создаваше низ текот на целата глобално-изборна 2024 година дека светската политика свртува кон десно. Можеби враќањето на власт на лабуристите во Британија е исклучок од од ваквиот генерален впечаток, но победата на десничарите во Германија и претходно на Трамп и неговите републиканци во САД, го вообличија и валоризираа политичкиот тренд кој го поддржува мнозинството граѓани во демократскиот свет.
Ако ги толкуваме почетните активности на десните политики, пред се на американскиот претседател Трамп, со право може да кажеме дека се работи за политика на мирот, дијалогот, соработката и економскиот напредок. Всушност тоа
беше желбата и потребата на мнозинството граѓани од демократскиот свет. Тие ги бараа, препознаа и не случајно ги поддржаа застапниците на ваквите политики. На сите веќе им е преку глава од пандемии и војни, како што им е преку глава и од обоени револуции дебело финансирани преку фантомските организации познати под злоупотребениот и заробен термин „НВО“, кои не подлежеа на никаков отчет и контрола од страна на деморатските институции на државите ширум светот.
Да се надеваме и да веруваме дека главните протагонисти на светската политичка сцена ќе опстојат на новосоздадените трендови, а сето тоа на крајот од денот ќе резултира со мир и соработка. За потполнување на впечатокот недостасува европската компонента, која сѐ уште делува како рецидив на минатото со воинствена реторика. Каков ќе биде правецот на движење на европската компонента од политичкиот мозаик, во голема мера ќе зависи од политиките на новата германска влада.
Каде во сето тоа се наоѓа Македонија?
Генерално и кратко кажано, Македонија во моментов има сериозно поволна позиција. Позицијата е поволна особено доколку се стави знак на еднаквост меѓу државниот интерес на Македонија и интересот на македонскиот народ. Не дека до сега како држава не сме биле третирани на позитивен начин од западните партнери, но тоа секогаш беше плаќано со отстапки на штета на македонскиот народ како мнозински етникум во државата. Сега за прв пат се создава перцепција дека оној кој што е избран и го добил мандатот за водење на државата, подеднакво се грижи, како за државниот, така и за интересот на македонскиот народ и сите заедници кои живеат во Македонија.
Интересно е да се забележи и тоа дека во моментов Македонија води исклучително проактивна надворешна политика која стрпливо го чекаше моментот и буквално како од низок старт влезе во друштво со најдобрите. Тоа делува изненадувачки за сите, особено за политичките противници на премиерот Мицкоски и неговиот тим. Бевме навикнати да гледаме реактивен и по правило задоцнет пристап во однос на надворешнополитичките случувања. Бевме навикнати да чекаме и да видиме првин како ќе се позиционираат сите околу нас, па дури тогаш да вадиме некоја аморфна политичка резултанта која демек ќе и одговара на државата.
Сега, кога гледаме јасна, активна и кристална определба на македонската политика, повеќето од нас сме изненадени и затечени. Некои позитивно, а некои негативно. Тоа е политика која што се позиционираше на страната на оние кои
што се залагаат за мир во светот, зачувување и негување на темелните човекови и цивилизациски вредности, борбата против двојните стандарди, корумпираното судство и заробениот НВО сектор. Навистина, тоа делува изненадувачки па дури и шокантно за сите оние кои што се навикнати на инфериорниот и сервилен однос на македонските политички елити.
Да потсетиме и на тоа дека Мицкоски беше единствениот шеф на влада од земјите на Западен балкан кој што зборуваше за мир во Украина, секогаш кога ќе се дискутираше за ова прашање на собирите на предводниците на ЕУ и западнобалканските лидери во текот на 2024 година. Во услови на воинствената хистерија и реторика која што сѐ повеќе го зафаќаше европскиот континент, ваквиот став делуваше како некаков пркос на мирот кон на воинствените повици. Овој став беше потиснуван и истиснуван од медиумските извештаи кои се држеа до меинстрим политиките и политичките токови во тој момент.
Сега, кога политиката за ставање на крај на војната во Украина добива на свој интензитет, кога главните политички сили во рамките на Советот за безбедност на Обединетите нации усвојуваат резолуција која цели кон воспоставување на мир
во Украина, македонската проактивна политика која што беше демонстрирана во последните неколку месеци добива на значење и се претвора во регионална политичка локомотива. Се разбира дека постои реакција од реакционерните сили
и „неиндетификуваните“ организации кои го туркаа светот во постојан судир, но факт е дека работите се движат во насока на воспоставување на мир и вртење на нова страна во меѓусебните односи во светот.
Од тие причини, можеме да кажеме дека е сосема логична онаа слобода на обраќањето со која што Мицкоски ги претстави македонските позиции на минатонеделниот собир на Атлантскиот совет во Вашингтон. Таму беше јасно повторена македонската позиција и македонската вистина која постојано се презентира од актуалната македонска влада на сите можни собири со западните партнери.
Тоа што таму беше кажано дека Македонија е жртва на двојни стандарди, билатерализација на евроинтегративниот процес, вета и блокади, притисоци за промена на името, знамето и уставот во повеќе наврати, дека Македонија е земја кандидат за членство ЕУ без извесност дека ваквите притисоци некогаш ќе запрат, е нешто кое што не е ново. Ново е тоа што амбиентот во кој што беа презентирани овие аргументи беше исклучително позитивен. Впрочем, исто како што беше позитивен приемот на аргументитет од соговорниците и слушателите. Тоа не беше обраќање од позиција на дефанзива пред глуви слушатели кои се присутни за да го издржат плачењето на Македонците, за да на крајот повторно ни ја испорачаат листата на отстапки кои што треба да ги направиме за да го продолжиме процесот. Тоа беше обраќање во исклучително позитивен амбиент, макотрпно подготвуван и заработен со навремен дипломатски ангажман и
конзистентни политички позиции.
Ако судиме според амбиентот содаден со проактивната надворешна политика на македонската влада, може слободно да кажеме дека Македонија не била никогаш во поповолна позиција на меѓународен план, особено кога се во прашање
македонските национални интереси и македонската приказна. Македонија во моментов гради цврсти односи со САД кои за очекување е да бидат и од полза во развојот на политичките настани кои што ќе следат и на европскиот континент.
Ваквата меѓународна позиција треба да даде свој ефект и на внатрешен план во државата, кој што ќе резултира со сериозни реформи во закржлавеното македонско судство и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Таа ќе биде ветер во грб во спроведувањето на потребните реформи во останатите ресори со што ќе се постигнат и економски ефекти и посакуваната бизнис клима која што е од интерес на сите во државата.
Не помалку важни се и процесите за демонтажа на прокси политичките протагонисти кои затскриени зад разни форми на либерално и граѓанско делување го контаминираат демократскиот амбиент и го заробуваат граѓанскиот сектор. На повеќето од нив не им е цел граѓанскиот активизам, туку нивната цел има идеолошка и лукративна димензија.
Нивната задача е да бидат сервилни кон изворот на финансии и да спроведуваат политики кои не се на линија на националните интереси. Задолжени и платени се да се борат и конфронтираат со сите политички структури кои се залагаат за заштита на македонскиот интерес.
Без намера да шириме пизма меѓу македонското ткиво (тоа и онака има потреба од ревитализација) нема да претераме ако за ваквите прокси политички играчи кажеме дека делуваат антимакедонски, па дури и антивмровски (ако терминот „вмровски“ се доживува како браник на македонштината). Ајде да оставиме резерва и да кажеме дека тоа е наш субјективна перцепција, но колку и да е субјективна таа веќе станува општа и светски видлива. Тоа е перцепција која што многу македонски граѓани ја почуствуваа како сурова реалност врз сопствената кожа со сите нејзини негативни последици. Реалноста и перцепцијата се испреплетуваат и како што би рекол нашиот народ „Каде што има чад, има и огин“… или пак како што би рекол Кевин Спејси во филмот „Клубот на богати“ (Billionaire Boys Club) „Перцепцијата на реалноста е пореална и од самата реалност“.