
Премиерот Мицкоски го употреби изразот „длабока држава“ да го опише овој упорен сојуз на ДУИ и СДСМ, кој трае веќе цела година откако двете партии заминаа во опозицијата. И добро е да почнеме нештата да ги нарекуваме со вистинското име. Инаку ќе ни одземе премногу време да ги опишуваме различните елементи на овој сојуз – поврзаноста со олигарсите кои профитираа за време на нивниот мандат на власт, со разузнавачките структури кои тргуваат со информации и манипулации, испреплетените медиумски пипала на овој октопод, уличните гангстери и кланови, невладините организации клонирани низ државите од целиот регион, и секако, клучниот фактор што овој брак од интерес опстојува толку долго – странскиот елемент кој ги носи и држи на власт двете овие партии. Затоа, многу поедноставно е да го искористиме изразот кој се одомаќини низ светот, особено во првиот мандат на претседателот Трамп кој исто така се соочи со мешавина на олигархиски, разузнавачки, идеолошки и етнички интереси.
Во вториот мандат, Трамп почна доста посериозно да се справува со оваа длабока држава која во целост му го саботираше првиот мандат, врзувајќи го со разни измислени скандали и проблеми (меѓу кои најсериозни беа обвинувањата за задни договори со Русија), при што успеа да му ги уапси или искомпромитира најблиските соработници. Овојпат, Трамп е во офанзива, во голема мерка ја презема контролата врз безбедносните служби и го премости Стејт Департментот.
Но, за САД, другпат. Да се вратиме на нашата, домашна длабока држава. Некои од класичните елементи на длабока држава кои ги видовме во изминатата година го вклучуваа, на пример, активирањето на Уставниот Суд во обид да се даде муниција на ДУИ за етнички обоени протести. Судот кој скоро во целост е формиран од кадри на ДУИ и СДСМ одеднаш почна да се занимава со етнички контроверзни теми и со тоа да ја враќа во живот партијата на Али Ахмети.
Веројатно најобемна операција беше превртувањето на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во истурен играч на ДУИ. Обемноста не се гледаше толку во самата градоначалничка, која со години сигнализираше дека е спремна за соработка со било кого, туку во големата и разновидна медиумска поддршка што ја доби нејзината кампања, ангажманот на социјалните мрежи и координирањето со разни улични елементи. Кампањата донекаде успеа во целта да се отстрани кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Чаир, но можеби направи поголем проблем за ДУИ, кои сега се соочени со веројатно посилен кандидат во општината која двете албански партии решија дека мора да ја имаат.
Странските дипломати се важен дел од длабоката држава во Македонија. Еден од елементите со кои странскиот фактор градеше атмосфера дека е време СДСМ и ДУИ да се донесат на власт, или да се држат таму, беа извештаите за напредок на државата на планот на човековите права. Ќе се задржиме малку повеќе на овој елемент, бидејќи неодамна излезе најновиот извештај на Стејт Департментот за состојбата со човековите права во светот. Жестоката исполитизираност на овие извештаи можевме сите да ја посведочиме во пресрет и по шарената револуција. Се сеќаваме како, кога требаше да се гради атмосфера за смена на власта, овие извештаи драматично го пренесуваа секое отпуштање на новинар или негативен коментар на социјалните мрежи од анонимен профил. За потоа, откако СДСМ и ДУИ беа донесени на власт, затворањето на некои од најстарите медиуми во државата како Дневник, затворањето и рекетирањето на телевизии како Нова, отпуштањето на уредници од водечките телевизии во државата, апсењето на газдата на рекет – телевизија, сето тоа беше изигнорирано во извештаите. Игнорирани беа и политички мотивираните апсења на десетици и десетици политичари и активисти, иако извештајот има оддел – „политички затвореници“.
Секако, извештајот почнуваше со оценка дека власта во Македонија е крајно корумпирана, со што се даваше тон на остатокот на извештајот. За воља на вистината, оваа оценка остана и во извештаите на Стејт Департментот во мандатот на СДСМ и ДУИ, а за првпат по подолго време беше изоставена од најновиот извештај, што е голем плус за Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, можеме да очекуваме овие извештаи наскоро да ги снема или да станат доста пократки, бидејќи администрацијата на Трамп врши сериозно реформирање и расштрафување на Стејт Департментот. Што, имајќи го предвид нашето искуство со бруталната партизација на овие служби, секако е за поздравување.
Е сега, што останува од длабоката држава на ДУИ и СДСМ со значително намалената поддршка од САД, па и од ЕУ, чиј углед во Македонија е длабоко еродиран поради изневерените очекувања? Овие две (една?) дружини имаат награбано доста пари и позиции во македонското општество за да останат релевантни уште доста време, особено со подгревањето на етничките тензии кое го прави ДУИ. Но, за првпат ги гледаме оставени без целосната поддршка што ја имаа од дипломатскиот кор во Скопје и од клучните европски престолнини (каде за нив работеа ниско пласирани, но многу агресивни и меѓу себе добро поврзани дипломати). Во моментов, како главна заштита да не им е поддршката од надвор, туку отпорот во судството и особено во обвинителството, каде врвните луѓе како да се решени да потонат со бродот на ДУИ. И покрај очигледните и јасните случаи на сериозен криминал и корупција, од кои дел беа првпат објавени во медиуми обично блиски до СДСМ, обвинителството се прави како оние трите мајмунчиња, кои не гледаат, не слушаат и ништо не зборуваат. Сето ова во спрега со судиите од режимот на ДУИ и СДСМ, кои имаат крајно поинакви стандарди кога се истражуваат корупциски случаи за министрите или олигарсите блиски до ДУИ, во споредба со периодот на политички прогон врз лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Сите овие елементи на длабоката држава во Македонија – судството, криминалот и „безбедњаците“, олигарсите, невладините, медиумите и странскиот фактор, ќе ги гледаме и во претстојните месеци до изборите, а и потоа. Тесната соработка меѓу овие елементи, во поддршка на партиите СДСМ и ДУИ, отвара многу прашања, пред се за 2001 година. Токму затоа, за да престане да ни се повторуваат националните порази поврзани со овие две партии, неопходно е размонтирање на овој систем. А за почеток, неопходно е да почнеме да го нарекуваме со вистинското име – длабока држава.