
Во политиката, симболите често зборуваат погласно од зборовите. Некогаш е доволно само една слика, еден гест или еден момент да откријат повеќе за вистинското лице на еден политичар отколку сите негови изјави, говори и прес-конференции заедно. Дополнително на тоа, доколку гледаме континуитет во однесувањето, кое наместо случајност или инцидент се претвора во правило и начин на живот, тогаш не станува збор само за еден гест, една слика или еден момент кој ја симнува маската на политичарот со која настапува пред граѓаните.
Таков е случајот со Венко Филипче, претседателот на СДСМ. Ако пред извесен период го гледавме во друштво на Зоран Заев на некоја од нивните забави во Дубаи, неодамна повторно го видовме истиот тандем како ужива на луксузна јахта на море во Грција. Ако журката во Дубаи можеше да се толкува како случаен пропуст, момент на опуштање или грешка во начинот на комуникација со јавноста, сликите на кои го гледаме тандемот Филипче-Заев на јахта, делуваат како тотална опуштеност и негрижа за тоа каков впечаток ќе се остави во јавноста. Не беше ни така одамна, ниту пак паднаа во заборав нивните заеднички екскурзии со моторите на четири тркала кои беа увертира во ова што го гледаме денес како континуитет на нивното однесување.
На прв поглед, некој би рекол – што има лошо во тоа? Зошто би се отворала ваквата тема во јавноста? Секој има право на приватен живот, на одмор, на сопствен избор на хоби и активности. Живееме во дваесет и првиот век, во ера кога речиси секој има автомобил и пристап до сите можни технолошки достигнувања, кои до пред триесетина години се сметаа за луксуз. Ова особено се однесува на луѓе како доктор Филипче, човек кој несомнено е познат и признат експерт во својата област. Но, кога станува збор за лидер на политичка партија која се претставува како дел од социјалистичкото семејство на партии, како глас на работниците и бранител на стандардот на граѓаните, симболиката на јахтата добива сосема поинаква тежина.
Двојните стандарди помеѓу зборовите и делата
Филипче често зборува за борба против сиромаштијата, за потребата да се заштитат работниците и да се создаде порамноправно општество. Тој и неговата партија се обидуваат да наметнат дебата и став во јавноста за содржината на минималната синдикална потрошувачка кошничка, за износот на минималната и просечната плата, за социјалната грижа на најранливите категории. Но, кога Филипче, лидерот на СДСМ е фатен во сцена на раскош и луксуз недостапен за обичниот Македонец, неговата реторика се претвора во празен наратив без вистинска содржина. Зборовите за еднаквост и солидарност се губат, заменети со слика на привилегиран политичар кој живее сосема поинаква реалност од онаа за која тврди дека се бори.
Јахтата како симбол на елитизам
Јахтата не е само превозно средство. Таа е симбол на луксуз, на елитизам, на живот далеку од секојдневната мака на граѓаните. За мнозинството Македонци, особено за оние категории на граѓани за кои Филипче се претставува како нивни заштитник, летниот одмор значи евтин аранжман во Дојран, Струга, Преспа или некаде во Грција, Црна Гора или Албанија. Тоа се аранжмани во кои внимателно се брои секој денар или евро. За разлика од нив, за претседателот на СДСМ, летото значи јахта во Грција и дружба со Заев. Оваа разлика не е банална. Таа открива колку далеку се оддалечил политичкиот врв од народот кој треба да го претставува.
Поткопан кредибилитет на СДСМ
Рековме дека СДСМ со децении се претставува како партија на левицата, како глас на обичниот човек. Тоа е барем така во теоријата и во нивната реторика. Но, впечатокот во јавноста е одамна поинаков и оваа партија повеќе се доживува како поблиска до олигархијата и подобро ситуираните граѓани отколку до работниците и социјално загрозените. Затоа, секоја сцена како онаа на Филипче и Заев од јахтата во Грција, од корен го поткопува тој кредибилитет кој СДСМ се обидува да го задржи. Како да ја убедиш јавноста дека се бориш за сиромашните и обесправените, кога твоите лидери живеат како богатата елита? Како да зборуваш за правда и еднаквост, кога твојот личен живот е потврда за привилегии и двојни стандарди?
Моралната димензија
Дури и да се работи за приватно финансиран одмор, кое што воопшто не треба да се дискутира ако се знае со колкави средства располага фамилијата Заеви, прашањето не е само финансиско, туку морално и етичко. Лидер на владејачка партија мора да покаже чувство за моментот, свесност за состојбата во која живее неговиот народ. Во време кога Филипче ја обвинува и критикува владата за инфлација, високи цени на основните прехранбени продукти и ниски плати, јахтата во Грција не е само одмор – таа е порака. А пораката гласи: ние живееме еден живот, вие друг.
Пријателство со Заев – симбол на континуитет
Факт е дека заедничкиот одмор со Зоран Заев дополнително ја продлабочува симболиката. Тоа е потсетник дека СДСМ е затворен круг на истите луѓе, истите привилегии и истите структури. Наместо да понуди нова енергија и дистанца од минатите грешки, Филипче демонстрира дека е дел од истата приказна – приказна во која елитата секогаш наоѓа начин да си го обезбеди комфорот, без разлика на цената што ја плаќа народот.
Јахтата како метафора
Проблемот не е само во тоа што лидерот на СДСМ бил на јахта. Проблемот е во недостигот на политичка чувствителност. Да, политичарите имаат право на одмор. Но, во време кога јавноста е преоптоварена со секојдневните тешкотии, со разочараност и недоверба во институциите кои се наследство од владеењето на СДСМ и ДУИ, секој гест на раскош е опасно оружје против сопствениот легитимитет. По се изгледа дека Филипче тоа воопшто не го препознава и во континуитет се презентира како консумент на луксуз и богатства.
На крајот, јахтата на Венко Филипче не е само јахта. Таа е метафора. Метафора за двојните стандарди на политичката елита. Метафора за отсуството на солидарност со народот. Метафора за јазот меѓу зборовите и делата. И додека граѓаните се борат за достоинствен живот, нивниот самопрогласен спасител одмора во луксуз што тие не можат ни да го замислат.
Тоа е суштината на проблемот. Не во одморот сам по себе, туку во симболиката која ја испраќа. А симболите во политиката се понекогаш посилни од секој говор. Јахтата ќе остане како траен потсетник дека Венко Филипче зборува едно, а живее нешто сосема друго.