
Актуелниот изборен модел со шест одделни единици е крајно нефер и пристрасен во полза на албанските партии. Низ цела Македонија веќе во низа изборни циклуси имаме ситуација излезноста кај албанските гласачи да е значително пониска отколку излезноста кај Македонците. Ова се должи пред се на масовната пракса на вадење двојни, тројни и четворни државјанства со Албанија, Косово и земјите од западна Европа и Северна Америка. Етничките Македонци кои живеат во Западна Европа не се ни приближно толку ажурни во вадење на македонски државјанства колку етничките Албанци, особено по периодот на режимот на ДУИ и СДСМ, кога гледавме како министерот Османи и други високи претставници на државата ораа по теренот да доделат државјанства во европските земји со голема албанска дијаспора.
Резултатот јасно се гледа на гласачката мапа – во источните изборни единици во кои скоро и да нема етнички Албанци, излезноста на изборите обично е околу 60 проценти. Во втората и петтата изборна единица, излезноста веќе паѓа околу 50-55 проценти. Во 6-тата единица – единствената изборна единица во која етничките Албанци се мнозинство, излезноста е одвај над 40 проценти.
Ова е сериозен проблем за правичната застапеност на граѓаните. Бидејќи секоја изборна единица е застапена со еднаков број пратеници во Собранието – 20 – излегува дека еден пратеник од источните изборни единици на изборите во 2024 година вредел 8,000 гласа. Пратеник од на пример 2-ата изборна единица, во која влегуваат одреден број албански гласачи, тежел 8,000 гласови. Во 6тата изборна единица пратеник се бира со само 6.650 гласа.
Правилен пристап да се надмине овој проблем во рамките на постоечкиот изборен модел би бил да се рашири 6-тата изборна единица – во нејзините граници да влезат делови од 1-ата или 5-тата единица, на пример Сарај. Но, законот е поставен така да како критериум за границите на изборните единици го зема само номиналниот број на регистрирани гласачи. Шестата изборна единица нема проблем со регистрирани гласачи – на хартија таа ги има сосем доволно, дури и повеќе од други изборни единици. Законот би требало да го зема предвид реалниот број на гласачи кои живеат и гласаат во изборната единица, односно ако се покаже дека од година во година во една единица не гласаат ни 140.000 гласачи додека во другите гласаат по 170,000 = таа единица би требало да се прекрои и прошири.
Но, наместо да се следи овој логичен пристап, ние видовме како 6-тата изборна единица се смали, а не се наголеми. Поради повисокиот демографски прилив и динамичното барање и добивање државјанства, наместо да се зголеми и прошири со дополнителни емигрантски села со ниска излезност, шестата изборна единица всушност се намали, и така нејзините 20 пратеници сега ги бираат уште помалку гласачи. Бидејќи 6-тата изборна единица е единицата во која се бираат половина од пратениците од албанските партии, оваа дисторзија значитечно ја нарушува етничката рамнотежа и правичната застапеност во Собранието.
Воведување на една изборна единица ќе го реши овој проблем. Во една изборна единица гласот даден во Тетово и во Берово навистина ќе вреди еднакво и секој пратеник ќе има поддршка од еднаков број граѓани. Надминување на оваа сериозна неправда, која има силни етнички импликации, мора да биде високо на листата на приоритетите. Откако ВМРО-ДПМНЕ и повеќе помали партии го прифатија овој предлог, може да се очекува тој конечно да се најде на дневен ред.
сто така, може да се очекува и силен отпор на менувањето на изборниот модел. Гледаме дека не само за ДУИ туку дури и за СДСМ како главен приоритет да е да се растури коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во ВЛЕН и да се вратиме во периодот кога ДУИ практично владееше со државата. На тој пат, ДУИ се решени да ги користат сите политички прашања на кои може да им се даде етничка боја (како и услугите на лесно заводливи политичари како градоначалничката на Скопје). Но актуелниот изборен модел е толку неодбранлив што секако се работи за проблем кој мораме да го решиме.