
Во организација на Бреинстер синоќа заврши првото издание на „Средношколец Милионер“, најголемиот и најамбициозен натпревар за средношколски бизнис-идеи во Македонија. Натпреварот започна со визија да создаде национална платформа која ќе ги препознае, охрабри и поддржи младите луѓе со претприемачки дух. По повеќемесечна подготовка, селекции и менторства, финалето ја потврди огромната енергија и талент кај новата генерација иноватори.
Главната награда од 1.000.000 денари ја освои тимот Stay BE со нивната бизнис-идеја „Систем 4“. Наградата е донација од основачот на Brainster групацијата, Петар Ниновски, кој со сопствен пример сака да ја продолжи поддршката што и самиот ја добил како млад претприемач.
Покрај главната награда, победниците добија и понуда од инвеститори за дополнителна инвестиција од 6.000 евра, како и вредносни ваучери за Brainster NEXT и НУ Академијата за талентирани средношколци.

Честитки на сите, бевте фантастични. Не беше лесно да се избере победник, но она што го видовме е дека вие сте подготвени и иднината останува во ваши раце, буквално. Продолжете да создавате, да пробувате, да се обидувате. Сите ние се потпираме на вас“, порача Петар Ниновски обраќајќи се до финалистите.
Победничката идеја „Систем 4“ – AI решенија за хотели и ресторани низ светот
Тимот Stay BE – Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, средношколци од три битолски училишта, ја освоија титулата „Средношколец Милионер“ со идеја која таргетира глобален пазар.
Нивното решение „Систем 4“ користи напредни алатки со вештачка интелигенција за автоматска анализа на проблеми во хотелско-угостителскиот сектор и понуда на три вида дигитални системи:
• AI чат-асистент за веб-страниците на рестораните и хотелите
• AI телефонски агент за комуникација со клиенти
• Брза изработка или надградба на веб-страници со AI алатки
Системот автоматски идентификува потенцијални клиенти, испраќа персонализирани пораки и во некои случаи дури и бесплатна демо-верзија за да се зголеми довербата.

Очекувавме победа од самиот почеток. Нашата идеја мисли за иднината и носи реална вредност. Милионот денари нема да го трошиме за одмор и забава, туку ќе ги вложиме во развој на бизнисот. Од денес нема одмор за нас, велат Јован, Иван и Марио.
Второ место – „ПаметПакет“ и уште една понуда за инвестиција
Со само пет поени разлика зад победниците, второто место го освоија тимот од Академија Разлика со својот иновативен концепт „ПаметПакет“. И тие добија понуда од инвеститорите за финансирање, како и вредносни ваучери за програмите на Brainster. Третопласирани беа ЈКЦ Милионерс и идејата DWear.
Сите тимови од ТОП 10 беа наградени со дополнителни едукативни ваучери како поддршка за нивниот понатамошен развој.
Бреинстер: Градиме генерација која создава, а не само следи

Организаторот вели дека остануваат посветени на развивање на образовен и претприемачки екосистем кој ги подготвува младите за реалните предизвици на иднината, преку практична настава, работа со ментори, реални проекти и директна поддршка од компании.
Ова прво издание на „Средношколец Милионер“ ја потврди најважната лекција: талент во Македонија има, потребна е само вистинска шанса за да блесне. Честитки за сите учесници и гледаме напред кон следната, уште поголема, креативна и инспиративна шанса за младите!“, велат од Бреинстер групацијата.
На натпреварот кој беше отворен за сите средношколци од Македонија беа пријавени повеќе од 470 идеи кои во повеќе фази се натпреваруваа се до финалниот викенд. Повеќе од 34.000 луѓе гласаа за идеите онлајн, а конечниот избор на првите 10 и победниците беше направен викендов во просториите на организаторот на натпреварот.

Македонски






