
ЕВН Македонија и Раде Кончар-ТЕП ја продлабочуваат соработката насочена кон поддршка на инклузијата на ученици со попреченост, како дел од заложбите за општествено одговорно работење, еднакви можности и одржлив развој, во согласност со принципите на ЕСГ. За таа цел, во просториите на Раде Кончар-ТЕП се одржа настан под мотото „Партнерства за инклузија: Од ЕСГ-заложби до конкретни активности“ на кој беа презентирани заедничките резулати од досегашното партнерство на двете компании. Во рамки на соработката, Раде Кончар-ТЕП ќе вработи ученици со попреченост кои ќе бидат ангажирани во производство за потребите на ЕВН Македонија.

На настанот присуствуваа Министерката за Енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, Генералниот директор на Раде Кончар-ТЕП, м-р Горан Антевски, Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер, како и претставници од овие институции и компании.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, го поздрави проектот и истакна дека особено радува фактот што компаниите преку конкретни активности создаваат можности за поголема инклузивност и еднакво учество на младите во општеството и во работната средина. Таа нагласи дека ваквите партнерства треба да претставуваат позитивен пример и поттик за идните проекти во кои општествената одговорност ќе биде преточена во конкретни и одржливи резултати.

„Особено ме радува што денес сме сведоци на проект кој покажува дека инклузивноста може да биде составен дел од реалните деловни процеси. Ваквите иницијативи се пример за тоа во која насока треба да се развиваат идните партнерства. Се надевам дека во наредниот период ќе има уште поголема вклученост на компаниите и институциите и дека ќе видиме повеќе проекти кои создаваат конкретни можности за младите“, истакна министерката Божиновска.

Во рамки на овие активности, ЕВН Македонија го реализираше проектот „ЕВН за животната средина“, со кој еколошката едукација ја поврза со различноста, еднаквоста и инклузијата. Во проектот учествуваа ученици од 10 специјализирани училишта и ресурсни центри низ државата, кои преку едукативни и креативни активности создаваа уметнички творби со пораки за заштита на животната средина. Како резултат на проектот, три институции добија донации согласно нивните конкретни образовни потреби.

За време на настанот се обрати Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер.
„Вредноста на оваа иницијатива е во создавањето можност знаењето и способностите да се применат во реална работна средина. Како деловен сектор, можеме да придонесеме не само со финансиска поддршка, туку и со отворање реални работни можности и со вклучување на луѓето во процеси во кои можат да дадат свој придонес. Преку партнерството со Раде Кончар-ТЕП, создаваме можност за директно вклучување во работниот процес, при што учениците ќе бидат ангажирани во производство за потребите на ЕВН Македонија.“ рече Маиер.

Настанот го отвори Генералниот директор на Раде Кончар-ТЕП, м-р Горан Антевски, кој во своето воведно обраќање им се заблагодари на присутните за учеството и поддршката, како и на ЕВН Македонија за досегашната успешна соработка и за заедничката реализација на проектот.

Тој истакна дека Раде Кончар-ТЕП со особено задоволство е дел од оваа иницијатива која, покрај деловната соработка, создава и конкретна општествена вредност. Според него, овој проект претставува само почеток на поширока соработка во која двете компании можат заеднички да развиваат нови, поквалитетни и поодржливи проекти.
„За нас, успешното партнерство не се мери само преку деловните резултати, туку и преку вредноста што заеднички ја создаваме за општеството. Благодарни сме на ЕВН Македонија за довербата и досегашната соработка, а особено ни е драго што ова партнерство денес добива и една ваква значајна, инклузивна димензија. Верувам дека ова е само почеток и дека во иднина ќе продолжиме со уште поинтензивна соработка, нови идеи и проекти преку кои заеднички ќе создаваме реални можности за младите и позитивни промени во заедницата“, истакна м-р Горан Антевски.

Во продолжение на настанот, преку заеднички презентации на ЕВН Македонија и Раде Кончар-ТЕП, беа претставени и промовирани активностите, резултатите и целите на проектот. Преку презентациите беше прикажан досегашниот развој на соработката, како и практичниот аспект на иницијативата и можностите што таа ги создава за вклучување на младите во реална работна средина.

Партнерството меѓу ЕВН Македонија и Раде Кончар-ТЕП покажува дека инклузијата може да се претвори во конкретни можности за стекнување работно искуство, развој на вештини и вклучување на младите во реална работна средина. На тој начин, создавањето еднакви можности добива конкретна и одржлива примена.


Македонски


