
Амбасадорот во Париз проф. д-р Игор Николов се сретна со заменик-министерот за јавна администрација, проф. д-р Лазе Јаќимоски, кој престојува во Франција во рамки на програмата организирана од францускиот Национален институт за јавна администрација – INSP. Проектот се реализира во согласност со Меморандумот за соработка потпишан меѓу INSP и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Како што соопштија од македонската амбасада, на средбата беа разменети мислења за реформата и модернизацијата на јавната администрација, јакнењето на институционалните капацитети и примената на добрите европски практики.
Програмата е насочена кон развивање стратешко лидерство, креирање амбициозна и остварлива визија за институционална трансформација, ефикасна комуникација и градење коалиции за спроведување сложени реформи. Посебно внимание се посветува на институциите на Европската Унија, процесот на проширување, европските административни вредности и културата на донесување одлуки во ЕУ.
Се истакна значењето на континуираната соработка, размената на искуства и професионалното усовршување како важни предуслови за градење ефикасна, професионална и современа јавна администрација, соопштија од амбасадата во Париз.

Македонски


