Skip to main content

Националниот џез оркестар пред скопската публика ја пренесе моќната енергија на современата њујоршка џез-сцена: Светски ѕвезди на сцената во НОБ и програма што ја освои публиката

Со спектакуларен концерт во Националната опера и балет, македонскиот џез ансамбл ја започна својата есенска сезона носејќи го автентичниот биг-бенд звук директно од американската сцена.

Националниот џез оркестар официјално ја отвори новата концертна сезона со ексклузивен музички настан на кој специјален гостин беше познатиот израелско-американски тапанар, композитор и аранжер, Дан Пугач. Под диригентската палка на Емин Џијан, оркестарот пред скопската публика ја пренесе моќната енергија на современата њујоршка џез-сцена.

Главната ѕвезда на вечерта, Дан Пугач, е едно од највпечатливите имиња на денешната биг-бенд сцена. Тој минатата година ја освои престижната награда „Греми“ (2025) во категоријата Best Large Jazz Ensemble Album за неговиот извонреден албум „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“.

Покрај него, како специјални гости на сцената настапија уште две исклучителни фигури од Њујорк: Никол Зураитис, брилијантна уметница и исто така добитничка на „Греми“ награда во 2024 година за најдобар џез вокален албум („How Love Begins“) и Џонатан Сарага, виртуозен трубач и композитор со препознатлив печат на современата сцена.

Репертоарот на концертот понуди совршен баланс помеѓу авторските композиции на Пугач (вклучувајќи материјал од неговиот наградуван албум) и иновативни, модерни аранжмани на класични дела од богатата американска џез-традиција. Прецизноста и воиграноста на Националниот џез оркестар, во синергија со енергичниот ритам на Пугач и емотивниот вокал на Зураитис, создадоа вечер за паметење која беше испратена со громогласни аплаузи од преполната сала.

Овој концерт е само почеток на динамичната есен на оркестарот. До крајот на годината, ансамблот продолжува со засилено темпо, најавувајќи значајни меѓународи гостувања, меѓу кои и отворањето на јубилејното 30. издание на престижниот Џез фестивал во Сараево во ноември, како и нови концертни проекти на домашен терен.

Поврзани вести