
Изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со добра динамика, а првите 12 километри од вкупно 40 се очекува да бидат ставени во функција в година – информира заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Во гостување на поткастот „Каде се парите?“, Николоски зборуваше и за преостанатото поврзување од Фариш до Прилеп. Посочи дека на оваа делница се применува поинаков пристап при изградбата што треба да придонесе за поголема стабилност.
Првпат во Македонија се работи автопат без земјена подлога, односно се поставува подлога од дробен камен, што значително ќе ја зголеми стабилноста на возењето. Така ќе биде и на Кичево – Букојчани и на Скопје – Блаце – изјави министерот.
Според Николоски, в година треба да биде пуштен во употреба првиот сегмент од автопатот.
Првите 12 километри од вкупно 40 на автопатот Прилеп – Битола ќе бидат ставени во функција в година. Она што сега останува е делот од Фариш до Прилеп затоа што автопатот почнува некаде на 9 километри над Прилеп и ќе останат 25 километри, кои не се решени. Тие 25 километри во моментот разговараме да изнајдеме решение да се градат како автопат или експресен пат – истакна Николоски.
Според него, Прилеп – Битола е дел од поширокото инфраструктурно поврзување на регионот, а во изминатиот период беа пуштени во употреба и двете фази од експресниот пат Прилеп – Градско, односно делниците Градско – Дреново и Дреново – Фариш.

Македонски


