
Во Битола денес се одржа втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, посветена на напредокот во регионалниот систем за управување со отпад и подготовката на новиот Регионален план за управување со отпад (РПУО) за периодот 2027–2032.
На седницата беше презентирана и дискутирана нацрт-верзијата на новиот РПУО, вклучително и приоритетите препознаени во процесот на планирање врзани со инфраструктурата, селекцијата на отпад, затворањето на ѓубриштата и нестандардните депонии како и обврските за општините кои претстојат во наредните шест години од имплементацијата на РПУО. Воедно беа дискутирани и комуникациските аспекти на планот и вклученоста на граѓаните и граѓанските организации како составен дел од имплементацијата на планот и од функционирањето на регионалниот систем за управување со отпад.
На седницата, членовите на МОУО разговараа и за напредокот, статусот и планираните активности поврзани со клучните проекти за управување со отпад во регионот, меѓу кои регионалниот центар за отпад и обиколниот пат во Новаци, претоварните станици и набавката на возила и опрема, методологијата за новите тарифи за отпад како и формирањето на регионалното комунално претпријатие. Посебно внимание беше посветено на собирање и обработка на општинските податоци за отпад при што платформата „Регион без отпад“ преку одлука на МОУО се утврди како регионална платформа за систематско собирање на податоци за отпад вклучително и проценетите количини на создаден и собран отпад како и измерените количини од сертифицираните ваги на сите одобрени мерни локации. Во оваа насока со одлуката беа утврдени и т.н. фактори за конверзија, кои ќе помогнат да се утврдат реалните количини на мешаниот комунален отпад во килограми со што општините ќе можат да имаат поцелосен увид во состојбата. Овој пристап ќе им овозможи на општините да носат одлуки базирани на точни и конкретни податоци во планскиот период.
Дополнително, на седницата за МОУО се донесе одлука за изработка на стратешка оценка за влијанието врз животната средина на РПУО 2027-2032 за Пелагонискиот и Југозападниот регион која ќе ги посочи потенцијалните влијанија од спроведувањето на регионалниот план врз животната средина и, доколку има потреба, ќе предложи алтернативни решенија за избегнување или намалување на влијанието, а со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
На работната седница беа присутни и претставници на граѓанскиот сектор, со што Одборот ја потврди определбата граѓанските организации да бидат дел од процесот на регионално планирање и понатамошната имплементација на планот. Нивното учество е препознаено како исклучително важно за подобро разбирање на потребите и предизвиците на заедниците, како и за воспоставување поотворен дијалог меѓу институциите и јавноста.
Работата на МОУО е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и спроведуван од SALAR International.

Македонски


