
Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.
Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.
Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба,“ вели Соња Просенц.
Во главните улоги настапуваат: Марко Мандиќ, Катарина Стегнар, Алиоша Шнајдер, Мила Безјак, Јудита Франковиќ Брдар и Јуре Хенигман.
Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014) гостуваше на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.
Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.
Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина,“ вели режисерот.
Во филмот настапуваат млади актери: Каја Забрет, Каја Шуштар, Нико Лемарк, Јури Фридерих, Давид Тронтељ, Марк Џејкоб Каваца, и професионални актери како Марко Мандиќ, Грегор Зорц, Сања Павчек, Аленка Крајгер и други.
Филмот е создаден во продукција на A Atalanta, во копродукција меѓу Словенија, Србија, Хрватска и Чешка, со поддршка од РТВ Словенија.
Клемен Дворник е активен во аудиовизуелната индустрија и работел на реклами, видеа, настани, телевизиски серии и филмови. Тој е познат и по популарната словенечка серија „Језеро“ (2019), премиерно прикажана на фестивалот во Сараево. За своето дело е добитник на повеќе награди.
„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и Златната ролна во Словенија, бидејќи филмот го гледале над 25.000 гледачи.
Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.
Далеку во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња, се наоѓа засолниште. Таму одекнува детски смеа. Тоа се браќа, на возраст од осум до дваесет години. Слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. Каква иднина ги чека?
Децата живеат во импровизирани колиби со овците и кучињата, во селото се враќаат можеби пет пати годишно. Тие се едноставни луѓе на земјата – не се водени од пари, туку живеат полнокрвно и во хармонија со сите. Тоа е затоа што отсекогаш го знаеле само тој начин на живот – го наследиле од генерации овчари пред нив. Толку чисти и искрени души се ретки,“ вели Селишкар.
Петра Селишкар е режисерка, сценаристка и продуцентка. Во 2003 година ја основа продукциската куќа Petra Pan Film, специјализирана за креативни документарци. Таа ги режираше и филмовите: „Бабите на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2013), „Мојот наопаку свет“ (2016) и „Телото“ (2023).
„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија.
Организатори на Деновите на словенечки филм во Скопје се Словенечкиот филмски центар и Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Кинотека на Македонија
Сите филмови се реализирани со финансиска поддршка од Словенечкиот филмски центар и ќе бидат прикажани со македонски и англиски превод (синхронизација или титл).