
Ќе мора да внимаваме поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев со неговите изјави да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв – изјави на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен вицепремиер, Александа Николоски.
Тој на денешната прес-конференција реагираше, на како што рече, појавата во јавност на поранешниот претседател на СДСМ и премиер на државата, кој што, нели, формално, уште од почетокот на 2022-та година, не е во политиката.
Но, јасно е дека ги влече конците и во време на претходниот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски и во време на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Што е најдобар доказ на она што го зборуваме постојано, а тоа е дека се во целосна координација и дека лидерот во сенка на СДСМ, е токму Зоран Заев.Со истиот вординг, којшто го користи и Филипче, што укажува на тоа дека на дневна основа се координираат со него и толку се блиски, што дури и исто се изразуваат. Или, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот – изјави Николоски.
Тој ја коментираше реакцијата на Заев по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека поранешен премиер на Бугарија дал куферче пари на гуруто на Венко Филипче од Струмица.Вели, од она што го напиша Заев се гледаат неколку работи:
Прво, со тоа што кажа и што го кажува ќе мора да внимаваме да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв.
Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа.
И затоа е толку голем отпорот кон реформи во судство и обвинителство и тоа е последниот бастион, последната одбрана на неколку елити во СДСМ и овој СДСМ служи само на Зоран Заев и служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката.
Николоски искоментира дека „човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше во чие што време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“.
И затоа е потребна една масовна референдумска излезност на вие избори, да се заврши работата уште на 19 октомври, за еднаш засекогаш да се стави крај на овие корумпирани елити чијашто единствена цел е заштита на себе и на своите блиски.
Ова е многу јасно и од начинот на настап и од она што го зборуваат.
А впрочем дека имаат концесии, особено од источниот сосед многу јасно говори и декларацијата којашто ја понудија во македонското Собрание на само неколку дена пред почетокот на кампања којашто очигледно Заев ја пишувал, а Венко Филипче ја однесе.
И затоа, мора да се стави една јасна линија и јасна граница од една страна, а од друга страна мора народот јасно да му се каже која е понудата на овие избори.
Понудата на овие избори – од една страна се Зоран Заев, Али Ахмети и Венко Филипче, како помошник на Зоран Заев, а од друга страна се реформите, напредокот и она што го почнавме минатата година да го продолжиме со уште позасилено темпо, паралелно со силни реформи во судство и во обвинителство – завши Николоски.
Денеска Зоран Заев реагираше на вчерашната изјава на премиерот Мицкоски дека поранешен премиер на Бугарија дал куферче пари на гуруто на Венко Филипче од Струмица. Тој ги отфрли, како што рече, лагите и клеветењата на Мицкоски.
Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија“ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици, реагира поранешниот лидер на СДСМ.
Потоа, во својот фејсбук статус додаде:
А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата.
Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија.
Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава“.
Во саботата на митинг во Куманово Мицкоски изјави дека СДСМ спрема ново попуштање кон нашиот источен сосед спакуван во убаво пакување.
– Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДСМ, партијата на чие чело е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси – рече Мицкоски.