
Докторот Нино Васев, еден од осомничените за скандалот „Онкологија“ бара друг обвинител да го застапува обвинениетоза предметот за кој му се суди. Тој преку своите ново ангажирани адвокати предлага предметот во кој е обвинет за несовено лекување и тешки дела против здравјето на луѓето да го превземе државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски или надлежноста да се предаде на јавно обвинителство во внатрешноста на државата. Според адвокатите обвинението е нестручно и нема докази за вина кај онкологот Васев.
„Побаравме мислење и повторна реевалуација на двете обвиненија од државниот јавен обвинител кој тоа право го има според законот со аргументи и факти наведени во предлогот и очекуваме дека тоа ќе го уважи и дека уште еднаш ќе направат комплетна реевалуација на двете обвиненија. Или, ќе побараат дополнување на истрагата што е исто можно или целосно ќе ги повлечат. Треба да ги повлечат, според наше мислење и тука се да заврши“, вели бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски.
Како најголем пропуст, одбраната го забележува ангажирањето на претходникот на Васев, поранешниот директор, Милан Ристевски, кој како технички советник помагал во работата на обвинителката.
„Значи не може да оставите вие лекарот да ви кажува докрај што ќе биде и тој да го пишува обвинението. Вие мора да се запознаете со таа работа, да читате, да прашувате и да се обезбедите со нужно познавање на материјата која е предмет на обвинителниот акт. Тоа, овде не е направено“, изјави Спирковски.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска од скопското јавно обвинителство, која го води предметот побара одложување на денешното рочиште на кое требаше да сведочат роднини на починати пациетни.
Идната среда треба да продолжи судењето кога ќе биде и познато дали предметот „Онкологија“, ќе го преземе државниот обвинител како што бара Васев. Во случајот обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. И се судеше и на Мери Пешевска, но таа призна вина и доби условна осуда.