
На 2 и 3 октомври (четврток и петок) територијата на Република Македонија ќе биде зафатена од голем, влажен и многу поладен воздушен бран кој пристигнува од истокот и североистокот на Европа, односно од Русија. Како што прогнозира метеорологот Славчо Попоски, овој бран ќе донесе обилни врнежи од дожд, засилен северен ветер и исклучително студено време за почетокот на октомври.
Температурите ќе бидат драстично под просекот за овој период, дури и за околу 15 степени, што претставува сериозна негативна температурна аномалија. Очекувањата се дека дневните температури ќе се движат во интервал од само 3 до 11 степени, а на планинските места ќе има и негативни температури со појава на мраз.
Поради продорот на овој поларен бран, на повисоките места и на планините дождот ќе премине во снег, со што ќе се формира првата снежна покривка за оваа сезона. Локално, на планините може да се очекува и над 30 сантиметри нов снег. Не се исклучува можноста снежната граница да се спушти и под 1000 метри надморска височина, со што услови за појава на снег ќе има и во дел од повисоките градови, особено во западните и северните предели на земјата.
Според Попоски, Македонија во овие денови ќе биде зафатена од ретко студен и влажен октомвриски бран кој ќе донесе први зимски услови уште на почетокот на месецот. Тој најави и целосна метео анализа околу влијанието и последиците од оваа временска промена.