
Со првиот лет што полета денеска, понеделник, 29 септември, во 6:25 часот наутро, од Меѓународниот Аеродром Скопјe до Штутгарт, Виз ер отвори уште една нова авиолинија и дестинација од главниот град на Македонија до Германија, соопшти ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата ADP.
„Во соработка со Виз Ер и Владата, како ТАВ Аеродроми горди сме што ќе можеме да ги опслужуваме патниците на оваа нова редовна авионска линија од Скопјe до Штутгарт. Редовните летови меѓу двата града ќе ги задоволат потребите на нашите граѓани, бизнисмени и дијаспората. Ќе продолжиме да инвестираме во модернизација и подобрување на аеродромските услуги, нудејќи висококвалитетно корисничко искуство на сите патници и промовирајќи ја земјата како атрактивна дестинација и транзитен центар во регионот“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време.
Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.
Штутгард е една од ретките дестинации која има понуда за сечиј вкус.
Со директните редовни летови од Скопјe до Штутгарт, љубителите на автомобилската индустрија сега ќе можат одблизу да ги видат седиштата и музеите на два легендарни бренда, Мерцедес-Бенц и Порше, локации што привлекуваат многу посетители секоја година.
Штутгарт е еден од ретките градови во Германија со лозја што продираат длабоко во урбаната средина, а неговиот фестивал на вино е познат на национално ниво.
Покрај фестивалот на виното, градот го организира и Cannstatter Volksfest, вториот најголем фестивал во Германија по Октоберфест.
Најреномираните културни знаменитости во градот кои посетителите можат да ги видат се oперата на Штутгард, државниот театар и бројните музеи и галерии.
Она што го прави овој град посебен е „Зеленото У“, меѓусебно поврзаните паркови во облик на буквата U што се протегаат низ градот и му даваат на Штутгарт единствена рамнотежа помеѓу урбаната архитектура и природата.
Новата редовна воздушна линија Скопјe – Штутгарт не е само географска врска, туку мост помеѓу семејствата, пријателите, идеите, бизнисите и новите почетоци. За македонската дијаспора, директните летови со 3 фреквенции неделно значат подобра поврзаност и помалку километри од дома.